Словенечки пожарникари во посета на Делчево

  • News

Во возвратна посета на Делчево и ТППЕ од Делчево деновиве престојуваат градоначалникот на Општина Чрномељ, Словенија, Андреј Кавасек и претставници од Противпожарната заедница на Општина Чрномељ кои изминатиот период донираа на Делчево противпожарно возило и опрема.

Во знак на благодарност за поддршката и со цел за идна плодна соработка меѓу двете општини и противпожарните друштва, градоначалникот на Општина Делчево, Горан Трајковски, додели плакети на градоначалникот на Чрномељ и на Доброволната противпожарна бригада Стари трг об Колпи.

Пријателството и хуманоста не познаваат граници, туку добрата намера, доброто дело и подадената рака отвораат можности и градат иднина. Затоа, ми претставува посебна чест што овие денови сме домаќини на градоначалникот на Чрномељ од Словенија, г-от Андреј Кавасек и претставниците од Доброволната противпожарна бригада Стари трг об Колпи кои ги препознаа потребите на ТППЕ од Делчево и донираа возило и опрема со што покажаа дека се големи луѓе и дека добро ги знаат приоритетите на граѓаните и на противпожарната дејност. Очекувам оваа соработка да продолжи и понатаму и меѓу двете противпожарни друштва и меѓу двете општини, истакна Трајковски.

Градоначалникот на Чрномељ, Андреј Кавасек, потенцираше дека соработката испаднала случајно, преку интернет, но целта била единствена, да се помогне на колегите и пријателите од Делчево. Тој најави дека соработката ќе продолжи  и во иднина и меѓу пожарникарите и меѓу двете општини за што се размислува и да се искористат одредени европски проекти кои партнерски ќе се работат во двете општини.
-Јас сум бил во Делчево пред 44 години и ме радува фактот што сум повторно овде. Градот сега е поубав и поголем. Оваа соработка отвора можности и за партнерство во иднина, рече Кавасек.
Во Општина Чрномељ има 27 доброволни бригади и 400 оперативни пожарникари.
Инаку, словенечките пожарникари имаа прилика да го видат и опожарениот терен во Делчевско од минатогодишните пожари, да се запознаат и со условите и со опремата за работа на делчевските пожарникари.
Shares