Донесен Буџетот на Општина Делчево за 2023

На денешната Седница на Советот на Општина Делчево, мнозинството советници го усвоија Буџетот на Општина Делчево за 2023 година кој е во висина од  312.458.713 денари. Капиталните расходи во вкупниот буџет се планирани во износ од 43.467.500 денари додека тековно оперативните расходи се планирани во износ од 268.991.213 ден.

Основниот буџет е планиран на износ од 102.094.000 денари, од кои капиталните расходи  се планирани во износ од 38.227.000 денари, или 37,4%, додека тековно- оперативните расходи се планирани на износ од 63.867.000 ден. или 62,5%.

Како што истакна градоначалникот на Општина Делчево, Горан Трајковски, согласно со финансиските параметри, Буџетот за 2023 го квалификуваме како развоен буџет, бидејќи најголем дел од проектираните средства се расходи наменети за капитални проекти, неопходни инвестиции во инфраструктурата како услов за раст и развој на општината Буџетот за 2023 година е одговор на предизвиците што претстојат, но е и во насока на реализација на приоритетите за следната година.

– Во 2023 година проектираме за изградба и реконструкција на улици да се инвестираат 11 682 000 денари, од кои за  реконструкција на улици и патишта во износ од  9.182.000 денари,за изградба на улици во износ од 2 500 000 денари. Завршување на изградбата на градскиот пазар во износ од 12.000.000 денари, реконструкција на капацитети за водоснабдување во износ од 3.600.000 ден., изградба на капацитети водоснабдување 3.820.000 ден., реконструкција на пречистителни станици и колектори 2.000.000 денари. Обезбедени се средства од МТВ во износ од 5.800.000 денари за реконструкција на локалниот пат Делчево-с.Стамер. Проектирани  се средства за експропријација во износ од 1.500.000 денари. Планирани се и средства за отплата на кредитот земен за доградба на детска градинка и кредитот земен за реконструкција на улиците „Вера Јоциќ“, „Питу Гули“ и Маршал Тито“ во износ од 5.078.300 денари.Сите овие средства се во функција на подобрување на јавните услуги и подобрување на инфраструктурата во Општината, потенцираше Трајковски.

Трајковски додаде дека Буџетот на Општина Делчево е проектиран да обезбеди високо ниво на реализација на капиталните инвестиции во делот на патната и комуналната инфраструктура.

– Клучни капитални проекти на кои ќе посветиме големо внимание е изградбата на нова детска градинка со капацитет од 150 деца,проект со проектирана вредност од 48 000 000 ден., но и максимална посветеност во сите сегменти за реализација на втората фаза-инфраструктурен дел од проектот на филтер -станицата за чиста вода за пиење, како најважни сегменти за подобрување и зголемување на квалитетот на животот на граѓаните на Општина Делчево, проект со проектирана вредност од околу 6 000 000 милиони швајцарски франци. Изградба на локалниот пат Делчево-с.Стамер од отклонот од регионалниот пат, проект со финансиска конструкција од  5 800 000 денари. Изградбата на нова водоводна инсталација во дел од  нас.Милково Брдо, нас.Ново Делчево и потисен цевковод во нас.Трети Реон со што старата азбестна водоводна инсталација комплетно ке се замени со нова полиетиленска,проект со финансиска конструкција од 18 845 000 денари. Изградба и реконструкција на комплетно нови водоводи во с.Габрово, с.Звегор, проект со финансиска конструкција од 1,3 милиони швајцарски франци, како и реконструкција на водоводната инсталација во с.Вирче со средства од Буџетот на Општината. Проект којшто е ставен и во развојната програма на општината е изградба на улици околу градскиот зелен пазар изградба на целиот паркинг простор околу пазарот,со средства од основниот буџет, истакна Трајковски.

Меѓу другите ставки и планирани обврски на Општина Делчево по програми, предвидени се средства за социјални трансфери: еднократна парична помош во износ од 660 000 денари; еднократен паричен износ за новороденчиња 220 000 денари;  исплата за првачиња 327 000; трансфери до здруженија на граѓани и спортски клубови 1.200.000 денари;Од оваа година воведуваме нова општинска мерка- Еднократна парична помош од 10.000 ден. за згрижувачки семејства во Делчево.

На денешната Седница советниците ја донесоа и Стратегијата за родова еднаковст на жените и мажите на Делчево, Берово и Пехчево за 2023-2026 г. и Акцискиот план; Извештајот за реализирани активности на ЈЛБ „Илинден“-Делчево за 2022 година и Програма за работа на ЈЛБ „Илинден“-Делчево за 2023 г. Деветмесечен извештај за работењето на ЈКП „Брегалница“-Делчево за период 01.01.2022-30.09.2023 година, Програма за изработка на урбанистички планови на подрачјето на општина Делчево за 2023 година; Одлука за ослободување од комунална такса за улично осветлување; Програма за работа на Советот на Општина Делчево; Одлука за расходување компјутери, компјутерска опрема и елетронски отпад на Општина Делчево; Одлука за давање согласност за расходување компјутери, компјутерска опрема и елетронски отпад на СОУ „М.М.Брицо“-Делчево.

Shares