По повод Меѓународниот ден на Ромите, 8 Април денеска во Делчево се славеше ромската култура и традиција, но се доделија и традиционалните награди на најдобрите ученици Роми во образовните институции во Делчево.
Во рамките на свеченоста, беа презентирани и инфраструктурните проектите кои се актуелни во Делчево, а се работат со поддршка на Владата за имплементација на Стратегијата и Декадата на Ромите и Општина Делчево.
Во своето обраѓање, градоначалникот Горан Трајковски, истакна дека во моментов се активни инфраструктурни проекти во висина од 9 милиони денари во населбите каде претежно живеат Роми и потенцираше дека овие и сите други проекти кои се реализираат во Делчево имаат свој заеднички именител- сите влијаat врз квалитетот на животот на сите граѓани, а со тоа и на Ромите, како заедница која со векови живее во Старо Делчево.
– Општеството создава можности, Општината подава рака на секој поединец, а мојата порака, како градоначалник, е Ромите да излезат од стереотипите и предрасудите, социјалната помош да не ја сфаќаат како наследно право, туку моментална состојба од која треба да излезат посилни и поамбициозно да се борат за егзистенцијалните и другите права и, клучно, образованието, доквалификацијата и обуката, да бидат основен атрибут за индивидуален напредок и развој и основна алатка во борбата за подобро утре. Бидејќи денес во едно демократско општество е сè возможно со сопствен труд и залагање. Имајте ја предвид сликата на познатите Роми низ историјата: Чарли Чаплин, Пабло Пикасо, Мајкл Кејн, но и многу други спортисти, фудбалери, научници, професори, бизнисмени, но и пејачи како Есма Реџепова, Мухарем Сербезовски. Сите тие заедно ја подигаат свеста за Ромите, како етникум и го мотивираат секој поединец, посочи Трајковски.
Во рамките на свеченоста, градоначалникот Трајковски ги додели и традиционалните парични награди на најдобрите ученици Роми во трите образовни институции во Делчево кои се мотивација за учениците Роми, за да постигнуваат подобри резултати во образованието и да се натпреваруваат во знаења
Најдобрата ученичка Ромка во СОУ „М.М.Брицо“, Елиса Мемедова, ученичка во 4 година стручно образование, доби парична награда од 10.000 ден, најдобрите ученици Роми во двете основни училишта добија по 5.000 ден.: Хасна Мемедова,7 одделение од ООУ „Ванчо Прке“ и Ајан Демировски ученик во 4 одделение во ООУ „Св. Климент Охридски“.
На тема „Времеплов на ромската носија“ беше отворена ексклузивна изложба, подготвена од Здружението „Тернипе-МК“ во која беа поместени петнаесет ромски носии со накит, колани и други додатни елементи. Ромската носија во 60 – тите години на минатиот век се изработувала претежно од памук, а потоа почнала да се употребува и свила, крепсатен и синтетитика. Ромските носии се важен сегмент од материјалната култура на Ромите и преставуваат значајно културно наследство, а на изложбата се поделени во три дела: носии од секојдневна употреба, празнична носија и свадбарска носија.
Воедно, пред присутните беше презентирана и ромска трпеза на која беа изложени традиционални ромски јадења подготвени од 10 вешти домаќинки Ромки, а во организација на „Тернипе-МК“.
Во културно-забавниот дел свој настап имаа ученици од ПУ „Св.Климент Охридски“ с. Тработивиште и ученици од ООУ „Ванчо Прке“, а свој рецитал под наслов „За Ромите-постоење низ вековите“ подготвија членови на „Тернипе-МК“.
Во рамките на одбележувањето на Меѓународниот ден на Ромите, Општина Делчево и НВО КХАМ Делчево, како локална канцеларија на Младински образовен форум (МОФ) Клуб за дебата, по повод 8 Април, Меѓународиниот ден на Ромите, ќе организираат дебата на тема „Овој дом верува дека Ромите во Македонија не се дискриминирани“.
Дебатата ќе се одржи на 07.04.2023 во Конгресната сала во СОУ „М.М.Брицо“со почеток во 13:00 часот.