Пуштена во употреба новата пречистителна станица во Делчево

  • News

Во Делчево денес се одржа завршниот настан од „Проектот за подобрување на водоснабдувањето во Делчево“, финансиран од Владата на Швајцарија, Владата на Република Северна Македонија и Oпштина Делчево.

На настанот во присуство на заменик министерката за животна средина Ане Лашкоска, Амбасадорката на Швајцарија во Скопје, Вероника Хулман и други официјални лица вклучени во реализација на проектот беа  споделени резултатите од неговата реализацијата на проектот, со официјално пуштање во употреба на прeчистителната станица за вода за пиење во с. Тработивиште, активност со која жителите на Општина Делчево добиваат чиста и квалитетна вода за пиење.

Главна цел на проектот е воспоставување модерен и проширен водоснабдителен систем, редовно и квалитетно водоснабдување, како и подобрено работење на ЈКП „Брегалница“ Делчево.

Швајцарската амбасадорка Хулман имаше прилика да го посети резервоарот Чука, административната зграда која се реконструира, како и пумпната станица во Ново Делчево. Извршувајќи увид во активностите на споменатите места потенцираше дека сите активности што биле планирани се успешни завршени.

-Тука сме сега кај филтер станицата, која навистина изгледа одлично и е во функција.

Овој проект е заеднички проект кој што беше направен во партнерство со Општината, министерството, јавното претпријатие и секако Швајцарската помош. Драго ми е дека сите оние цели кои што се планирани се постигнати. Ми кажаа дека самата вода е со многу добар квалитет. Јас само што испив чаша вода и можам да ви кажам дека навистина е така. Она што е важно за овој проект е да продолжи Општината и Јавното претпријатие да обезбедува добра услуга за граѓаните да може да ги одржува сите овие објекти и да биде во функција за доброто на граќаните и уште подобар живот. И уште само да дополнам, ќе ја посетиме и фотоволтаична централа која ќе обезбеди енергија за сите овие  потреби кои што ги има самата пречистителна станица, но исто така и целиот систем за водоснабдување, рече Улман.

Градоначалникот Горан Трајковски посочи дека во изминатите 7 години колку што е на функцијата денес е неговиот најсреќен ден, не само како градоначалник туку и како личност.

Изрази задоволство што сите пријатели на оваа успешна приказна денес се во Делчево, што според него покажува дека како држава можеме да имплементираме огромни проекти, значајни за граѓаните, заедно со Швајцарската конфедерација, Министерството за животна средина, нашата Влада и локалните самоуправи.

-Посакувам ваквите значајни и успешни проекти да има и во сите други градови во Македонија, односно сите ние со наше залагање да го подигнеме квалитетот на живот на сите наши граѓани.Ова е историски најголемата инвестиција во нашата Општина Делчево и вклучително овде и населените места по финансиска конструкција, но суштински ова е и највредниот проект кој е реализиран. Затоа гледаме пофални зборови даваат и Министерската и амбасадорката за тоа што проектот од почеток има успешен крај. Верувам дека тоа ќе остане за генерации по нас и сите да се трудиме вакви капитални проекти да реализираме за да можат нашите луѓе овде да живеат овде да творат и да ги воспитуваат идните генерации, рече Трајковски.

Проект за подобрување на водоснабдувањето во Делчево како што беше кажано во излагањето на официјалниот настан е финансиран од Швајцарскиот државен секретаријат за економски прашања (СЕКО) со 7,5 милиони швајцарски франци,

Министерството за животна средина и просторно планирање на Република Северна Македонија со 1,5 милиони швајцарски франци и Општина Делчево со 40.000 швајцарски франци.

Shares