Пред 70 години на денешен ден, тогашното Царево Село го добива името по великанот на македонската револуционерна борба Гоце Делчев. Со Одлука на Президимуот на Народното собрание на НР Македонија на 23 април 1950 година Царево Село се преименува во Делчево и оттогаш овој град од крајниот исток на државава со гордост го носи името на великанот Делчев.
По тој повод, градоначалникот Горан Трајковски упати честитка до делчевци со порака и понатаму да создаваат и творат и со свој пример да придонесат во развојот на градот кој 70 години со гордост го носат името на великанот Делчев.
-Делчев е поттик за секој еден од нас, да создава, да твори и да придонесува за развој на градот. Овој ден во 1950 година се запишува со големи букви во историјата на нашиот град и претставува почеток на еден современ и урбан развој на градот, каде живееле и твореле генерации и генерации делчевци. Како генерација сме соочени денес со многу предизвици, но учејќи од историјата и почитувајќи ја традицијата, нашата борба за нашиот град и за секој еден човек во него, значи отворање нови перспективи и подобрување на квалитетот на животот на нашите сограѓани. Во овие вонредни околности, како градоначалник испраќам порака дека Делчево, а претходно Царево Село, Василево, Султанија, поминале многу премрежја, народот претрпел големи страдања, но заедно и обединет, од секоја битка излегувал посилен и бил победник. Верувам дека и денес во борбата со невидливиот непријател, со истрајност и одговорност кон личното здравје, кон здравјето на своето семејство и на секој сограѓанин, повторно заедно ќе прославуваме победа и ќе го продолжиме развојот на нашиот убав град покрај Брегалница, рече Трајковски.
По повод овој јубилеј, Општина Делчево во Програмата за култура за 2020 година имаше предвидено низа културни настани под мотото „Делчево во чест на Делчев“, кои требаше да завршат на 4 мај со одбележување на годишнината од убиството на Делчев, но поради вонредните услови и актуелната забрана за организирање настани, културни манифестации и јавни собири, сите активности се одложени.