Од оваа сабота, 16 мај, градскиот пазар во Делчево ќе се отвори само за продажба на прехранбени, односно раноградинарски култури и со строга примена на мерките за заштита од заразата ковид-19, задолжително носење маски, држење растојание од два метри и забрана за групирање. ТППЕ Делчево ќе врши дезинфекција на просторот и тезгите пред почетокот на пазарниот ден и по неговото завршување, а ќе функционира и редарска комунална служба и ќе има засилена полициска контрола.
Ова е заклучокот од денешниот состанок на Општинскиот кризен штаб во Делчево на кој претставници од надлежните институции ја разгледуваа состојбата со Ковид-19 во Делчево и мерките кои се преземаат за превенција од заразата.
При носењето на одлуката, градоначалникот Трајковски истакна дека мора да се води сметка исклучиво за безбедноста на граѓаните и заштитата на здравјето и апелираше до граѓаните строго да ги почитуваат мерките за заштита.
-Бидејќи состојбата со ковид-19 во земјава се смирува, посебно во регионот, се донесе заклучок да се отвори градскиот пазар со посебен акцент за строго почитување на мерките за заштита. Во Делчево нема жариште на заразата и во оваа прилика изразувам жалење за смртта на нашиот сограѓанин кој почина од компликации со коронавирусот на клиника во Скопје, каде беше и заразен и каде престојуваше подолго време, а резултатите од тестовите направени на членови на неговото семејство се негативни, истакна Трајковски.
Градоначалникот, Горан Трајковски, ги запозна присутните со сите мерки и активности кои ги презема Општина Делчево за спречување на појавата и евентуалното ширење на заразата од коронавирусот. Тој меѓу другото истакна дека единиците на ТППЕ Делчево вршат редовна дезинфекција на улиците во градот и населените места, дезинфекција на јавните објекти, колективни објекти за домување, а функционираат и 4-те пунктови за дезинфекција на возилата кои влегуваат во Делчево.
-Општина Делчево досега има дистрибуирано 9700 заштитни маски до институции, месните и урбаните заедници, дистрибуирани се 30 пакети до семејства кои живеат во социјален ризик донирани од Зегин, донирани се 10 таблети од Еколог интернационал Тетово, кои се дистрибуирани во двете основни училишта за ученици кои немаат услови да следат настава на далечинско. До Здравствениот дом, ТППЕ Делчево, Гранична полиција и ОВР Делчево е дистрибуирана помошта добиена од д-р Милен Врабевски, а која се состоеше во заштитни средства. Исто така овој период се формирани месни и урбани кризни штабови, рече Трајковски.
Во Делчево во самоизолација има 6 лица, а поднесени се 54 кривични пријави.