Од денеска до 18 јуни ќе се спроведува првото пријавување од јунскиот рок за упис во учебната 2020/2021 година, според критериумите утврдени во Конкурсот на Министерството за образивание и наука за запишување ученици во прва година во јавните средни училишта за настава во гимназиско, стручно, уметничко и за средно образование за ученици со посебни образовни потреби.
Уписот ќе биде организиран и спроведен согласно со насоките од Протоколот усвоен од Владата по препорака од Комисијата за заштита од заразни болести кој е проследен до сите училишта. Според Протоколот, документите се поднесуваат по азбучен ред на презимето. Задолжително е носење заштитни маски, растојание од два метра и дезинфекција. Училиштата се обврзани да обезбедат редари и е ограничен бројот на ученици кои во исто време ќе влезат во училиштето за да поднесат документи. При уписот, не е дозволена придружба од родител/старател, освен од оправдани причини. Пријавувањето ќе биде денеска and утре (16, 17 јуни) во периодот од 7 до 19 часот, а резултатите ќе се објават на 18 јуни.
Во делчевската гимназија согласно со Огласот за запишување ученици во прва година има 272 слободни места распределени во 8 паралелки. Во гимназиско образование се предвидени 5 паралелки со 170 ученици, во текстилно-кожарската струка 68 ученици и две паралелки, а во хемиско-технолошката струка се предвидени 34 ученици и 1 паралелка.
Второто пријавување и запишување ученици ќе се врши на 24 и 25 јуни, а третото пријавување ќе се врши на 30 јуни.