Проекти за подобра енергетска ефикасност во училиштето „Ванчо Прке“

  • News

Во ООУ „Ванчо Прке“ во Делчево започнаа работите за санација и комплетна промена на подната конструкција во училиштето, стара 50 години и нејзина замена со пвц-под што ќе донесе поголема заштеда на енергија и подобрување на условите за работа и хигиената на училиштето. Проектот е финансиски поддржан од МОН, а вредноста на работите кои треба да завршат за 3 месеци е 6,6 милиони денари.

Денеска увид во работите изврши градоначалникот на Општина Делчево, Горан Трајковски ги поздрави напорите на одговорните лица и на вработените во училиштето за имплементацијата на енергетски ефикасни решенија со што се испраќа пораката дека се штеди енергија, а се вложува во иднината.

– ООУ „Ванчо Прке“ е одличен пример за тоа. Досегашните инвестиции: инсталацијата на фотоволтаиците, реконструкцијата на спортската сала, актуелната инвестиција за промена и рехабилитација на подовите во училниците, ходниците и канцелариите во централното училиште, потоа изградбата на енергетски ефикасна фасада на зградата која треба да започне наскоро, се непобитен факт дека се инвестира во заштедата на енергија. Би сакал да истакнам дека примената на енергетската ефикасност е од огромно значење и од економски и од еколошки аспект, воопшто. Пресметките покажуваат дека со имплементација на солидни енергетски ефикасни решенија може да се намали потрошувачката на енергија и до 40%, рече Трајковски и додаде дека Општина Делчево и понатаму ќе продолжи со поддршката на инцијативите за користење на обновливите извори на енергија.

Директорот на училиштето, Горан Велков, истакна дека заложбите се училиштето „Ванчо Прке“ да биде комплетно енергетски ефикасно до крајот на годината и прв ваков објект во Делчево.

-Очекуваме наскоро да започне изградбата на енергетски ефикасна фасада за шо имаме одобрено средства од Владата на РСМ во износ од 5,1 милион денари. Исто така, потоа продолжуваме со проектот за промена на парните котли на нафта со котли на пелети, како и замена на електричното осветлување со економични лед-светлики, истакна Велков.

Со имплементација на енергетски-ефикасни решенија, училиштето ќе штеди и до 40% енергија.

Shares