По повод Светскиот ден на здравјето, градоначалникот Горан Трајковски денеска го посети пунктот каде се одвива вакцинацијата против ковид 19 во Здравствениот дом „Гоце Делчев“ при што донираше заштитни маски и визери за вработените здравствени работници на пунктот.
Честитајќи го Светскиот ден на здравјето, 7 Април, денот посветен на подигање на свеста за здравјето,градоначалникот Трајковски изрази задоволство од текот на вакцинирање во Делчево и одзивот на граѓаните за вакзинација против ковид-19.
– Вакцината е единствен начин да се победи коронавирусот и во таа смисла ме радува фактот што во Делчево вакцинацијата се одвива без проблеми и досега се вакцинирани над 120 повозрасни наши сограѓани и што граѓаните го препознаа значењето на имунизацијата како основна алка во борбата со оваа пандемија, рече Трајковски.
Одговорниот лекар специјалист Рилка Антовска потврди дека вакцинацијата со Астразенека наменета за возрасните категории граѓани се одвива без проблеми и дека граѓаните се јавуваат на договорените термини.
Градоначалникот Трајковски, воедно, изрази јавна благодарност до сите здравствени работници за нивниот труд и пожртвуваност во борбата за здравјето на секој поединец.
– Овој ден, кога се одбележува Светскиот ден на здравјето, изразуваме благодарност на здравствените работници за нивниот труд и пожртвуваност во борбата за нашето здравје и е уште еден повод да го свртиме нашето внимание кон улогата и значењето на здравствените работници кои втора година по ред, одбележувањето на овој ден се одвива во посебни, пандемиски услови, услови кога сите очи се вперени во здравствените работници кои на својот грб го носат целиот товар на борбата со коронавирусот. Тие се во првите борбени редови во борбата со невидливиот непријател и со надчовечки напори обезбедуваат третман и грижа за пациентите, при што го изложуваат своето здравје, здравјето на своите блиски, но и нивниот живот. Ова се хероите на нашето време, истакна Трајковски.
Во 1948 г. СЗО го одржала своето Прво собрание на кое е одлучено 7 април секоја година да се одбележува како ден на здравјето. Одбележувањето започнува во 1950 година на 7 април, кој се смета за ден кога е основана СЗО, а воедно е и прилика да се привлече меѓународно внимание на здравствените проблеми со кои се соочува светот.