Швајцарската фирма „FELA Planungs AG“ ќе ја гради прочистителната станица за вода за пиење кај с. Тработивиште со што започнува реализацијата на инфраструктурниот дел од проектот „Водоснабдување на Делчево“ и се решава проблемот со квалитетот на водата за пиење во Делчево. Договорот се потпиша денеска во Делчево од страна на директорот и сопственик на швајцарската фирма, Ханс Улман и директорот на ЈКП „Брегалница“, Стојче Стојковски. И двајцата изразија задоволство од идната заедничка соработка во корист на граѓаните на Делчево и обезбедување чиста вода за пиење за Делчево. Вкупната вредност на Договорот е околу 4 милиони швајцарски франци, а работите на терен ќе започнат наскоро
Градоначалникот Трајковски истакна дека денес по 3,5 години максимално посветена работа, се потпишува Договорот за отпочнување на градежните работи на најголемиот финансиски и суштествен проект за граѓаните и најголем проект во историјата на Делчево.
– Нема поубав момент за еден градоначалник да се почне со реализација еден ваков огромен проект со кој се обезбедува чиста вода за пиење за генерации и генерации наши сограѓани. Изразувам огромна благодарност до Швајцарската конфедерација за нивната донација. Огромна благодарност до претставниците на швајцарската амбасада во нашата земја, за нивната вклученост и придонес во овој проект, огромна благодарност до Владата предводена од Зоран Заев за учството за инвестицијата од 1,3 милиони швајцарски франци во овој проект и бенефитот кој ќе го имаат и сегашните, но и идните генерации граѓани на Делчево, рече Трајковски.
На денешниот работен состанок беа презентирани планираните активности кои ќе се спроведуваат на терен, а се согласно со потпишаниот Договор кој ја содржи техничката компонента за изградба на нова филтер-станица во рамките на кој влегуваат и изградбата на фотоволтаична централа и оперативна зграда со лабораторија на локација на денешната прочистителна станица. Станицата ќе биде со две линии и капацитет од 60 л. во секунда, додека фотоволтаичната централа ќе биде со номинален капацитет од 250 кw пик со кој се предвидува делумно покривање на потребите за електрична енергија за бунарите и станицата. Исто така, се предвидува рехабилитација на главната доводна цевка од браната Лошана до станицата во с. Тработивиште, рехабилитација на главната водоводна цевка од с. Тработивиште до Делчево и рехабилитација на бунарите во Делчево и с. Тработивиште, како и рехабилитација на резервоарот за вода во близина на с. Ѕвегор.
Во рамките на големиот проект „Водоснабдување на Делчево, следува и распишување на тендер за изградба и поврзување дистрибутивна водоводна мрежа на селата Габрово и Ѕвегор од страна на Владата.
Инаку, проектот „Водоснабдување на Делчево“ се реализира со донација од Швајцарската Конфедерација во висина од 6 милиони швајцарски франци, приближно 1,3 милиони швајцарски франци се домашна контрибуција на Владата преку Министерството за животна средина и просторно планирање и Оmunicipality of Delchevo.