По 7-дневната битка со огнената стихија во Делчевскиот регион и натчовечките напори за да се стават под контрола и да се изгаснат пожарите и да не се дозволи загрозување на човечки животи и имоти на граѓаните, конечно, денеска сите пожари кои беснееја на територијата на Делчево, се изгаснати.
Со координирана акција на терен на сите сили кои ги имавме на располагање, но и со помош од воздух од хеликоптери на нашата Армија, но и на соседни држави, уште во текот на вчерашниот ден се локализираа и се изгаснаа пожарите кои беснееја на две локации во Делчевско над Разловци и над Тработивиште.
Дежурни екипи од Национални шуми и од ТППЕ Делчево сѐ уште го контролираат теренот, бидејќи сушата, високите температури и ветерот се причини кои можат да доведат до повторно распалување на огнените јазици.
Во изминатава недела активно на терен, не штедејќи се и максимално мобилизирани, беа Просторните сили на Општина Делчево, екипи од ТППЕ Делчево и околните општини, екипи од ЈКП „Брегалница“, екипи од Национални шуми Делчево, припадници од Армијата, Гранична полиција, но и голем број доброволци, локални жители кои максимално се вложија да го спасат шумското богатство на Пијанец и за што им изразувам огромна благодарност. Но посебна благодарност од сите граѓани на Делчево изразувам до специјалните единици на МВР, Тигри и ЕБР,кои ја покажаа својата исклучителна храброст и спасија да не изгорат уште илјадници хектари шумски фонд.
Воедно, во гаснењето на пожарот активно беа вклучени и со сите расположиви ресурси, противпожарни единици од М.Каменица,Кавадарци,Штип, но и од соседна Бугарија, Словенија и Австрија. Изразувам голема благодарност за нивната професионалност и бескомпромисно учество во борбата со огнената стихија.
Големиот пожар кој пустошеше се пред себе уништи илјадници хектари шума само на територијата на Делчево, а овој пожар ја стави на тест и општествената одговорност и хуманоста на поединци, институции, фирми. Хуманоста и општествената одговорност се одлика на одговорни и големи луѓе кои знаат дека и со мал придонес може да направат големи промени.
Изразувам голема благодарност и до „Дади Компани“ за донацијата за гориво за возилата на ТППЕ, „Жито-маркети“ за обезбедувањето храна за учесниците во гаснењето на пожарот, ЕВН за поддршката со теренски возила, „Пеке“ ДООЕЛ за нивната собирна акција на средства и вода која се дистрибуираше до критичните реони зафатени од пожарот,Кожувчанка,Ресторан ТРЛА, Ресторан Царевоселски, Хотел Македонија, а секако и до ОО на Црвениот крст Делчево чии волонтери се секогаш таму каде што е најпотребно,Ендуро тим, и до сите други неспомнати кои помогнаа логистички во справувањето со оваа огнена стихија.
Во оваа прилика, сакам да истакнам дека опасноста од пожари не е надмината. Високите температури, сушата се одлични пријатели на огнот, но непријатели за нашето шумско богатствои за нашиот имот. Во таа смисла, апелирам до сите граѓани на одговорно однесување, на почитување на целосната забрана за движење низ шумските предели и трезвено да ја следат состојбата и да алармираат при најмал знак дека има опасност од повтрно распламтување на пожарите.
Изразувам искрено жалење до сите наши сограѓани кои изгубија дел од имотот, стоката, штали полни со храна, но и приватни шуми. Убедувам дека со смирување на состојбата и во координација со Владата на РСМ, ќе се преземат сите мерки за нивно обештетување, а на есен започнуваме со голема акција за пошумување на изгорените површини.
Како генерација, имаме обврска да оставиме за нашите поколенија шумско богатство чие значење е непроценливо.
Апелирам до Владата и Законодавниот дом да се измени законската регулатива и максимално да се зголеми казната за сите пиромани, но исто така целата изгорена маса единствено да се даде на располагање на Национални шуми, а никако на приватни корисници.
Благодарам