Интензивно се работи на изградба на современиот градски пазар во Делчево. Во моментов во тек е поставување на челичната конструкција на покриениот дел од пазарот, а претходно на проектираната површина се завршени бетонските работи, а поставена е водоводната и фекалната канализација.
Градоначалникот на Делчево, Горан Трајковски, направи увид во текот на работите при што истакна дека изградбата на првата фаза од современиот градски пазар, капитален проект за Делчево, треба да заврши до декември оваа година.
-Комплетно се обезбедени средства за дореализација на проектот современ градски пазар и за прва и за втора фаза од изградбата во висина од околу 35 милиони днеари. Воедно, сакам да истакнам дека станува збор за доста значаен проект за Делчево кое ќе биде уште едно место двигател на локалната економија и кој има регионално значење за Општинаand која е на крајниот исток од државата, каде доаѓаат посетители од соседна Бугарија, но и како транзитно место, често посетувано од граѓани од цела држава и пошироко, рече Трајковски.
Со реализацијата на овој проект, Делчево ќе добие современ градски пазар со целата инфраструктура, каде ќе бидат испочитувани сите критериуми за соодветно чување и продавање на храната и на најразновидната стока, како и соодветен паркинг– простор. Градскиот пазар е со површина на градежна парцела 11.599 м2 и површина за градење 6.944 м2 и содржи продажен простор за земјоделски производи, но и други стоки.
Инаку, во следниот период планирана за изградба е на нова улица која ќе го поврзува новиот пешачки мост и новиот градски пазар со што ќе се реши уште една инфраструктурна потреба за делчевци и е во насока за заживување на овој дел од централното градско подрачје кое ќе добие нов урбан лик.