Намален водостојот на реките

  • News

По обилните врнежи од дожд кои предизвикаа покачување на нивото на водите, денеска е евидентно намелен водостојот на реките со што се намалува и опасноста од посериозни проблеми предизвикани од излевања на реките.

Излевањето на реката Брегалница од мини во мајор коритото во урбаниот дел од градот во текот на вчерашниот ден не предизвика посериозни проблеми. Критичните точки во градот беа обезбедени со доволен број вреќи. Вон урбаниот дел, на одредени места имаше излевање на река Брегалница по должината на реката од с.Тработивиште до Делчево, како и на излезот од Делчево кај м.в. Брежје и Долни Бавчи, но не предизвика поголеми штети.

Одредени проблеми предизвикаа надојдените води на река Желевица во с. Тработивиште, каде се предизвика штета на пристапниот дел од бетонскиот мост. Во текот на денешниот ден надлежните служби направија увид со цел веднаш да се преземат мерки за санација на  штетата и мостот да се стави повторно во функција.

Надлежните служби на Општина Делчево ја следат состојбата со нивото на водостојот и се во приправност за интервенција. Во зависност од ситуацијата на терен и потребата од интервенција со механизација, Општината ангажира и соодветна градежна механизација. Активностите на Општина Делчево се координирани со ЈКП „Брегалница“, РЦУК-Делчево, ДЗС-Делчево и месното население.

Воедно, се информираат граѓаните од безбедносни причини да избегнуваат движење покрај реките, потоците и каналите со вода, но и да преземат соодветни мерки за заштита на нивниот имот од евентуални поплави. Претставниците на месните и урбаните заедници, постојано да ја следат состојбата и да ги информираат надлежните служби, а доколку има потреба од интервенција со машини и луѓе, да пријават на дежурните телефоните: 078-705-513 и 071-343-108.

Shares