Советот на Општина Делчево денеска ја одржа 5-та редовна Седница на која се расправаше по 24 точки од предложениот Дневен ред, откако на почетокот на Седницата, на барање на советничката група од СДСМ и Коалицијата, две точки предложени од ЈКП „Брегалница“ беа симнати од Дневниот ред со образложение дека за предвидените одлуки немало комисиска расправа, а со цел транспарентно да се изнесат потребните факти за носење на двете одлуки кои се однесуваат за воведување надоместок за одржување паркови и јавно зеленило, како и одлуката за давање согласност за управување и одржување на градските гробишта, на носењето на одлуките ќе претходи расправа на соодветната Комисија. Предлогот беше прифатен и од Советничката група на ВМРО ДПМНЕ и Коалицијата и едногласно беше усвоен предлогот точките да се тргнат од Дневниот ред.
На Седницата, советниците го усвоија Третиот квартален извештај за извршување на Буџетот на Општина Делчево. Согласно со Извештајот, капиталните расходи во Основниот Буџет на Општина Делчево изнесуваат 87,20% од планираните. Односно, од вкупно планирани капитални расходи за 2021 г. во износ од 52.619.456 ден, се реализирани 45.885.859 ден., додека од вкупно планираните приходи реализирани се 290.009.206 ден или 92%, додека од вкупно планираните расходи во 2021 г. се реализирани 286.106.864 ден или 90,76%.
Советот на Општина Делчево донесе Одлука за резервирани средства за експропријација во Буџетот на Општина Делчево за 2022 година во износ од 1.500.000 денари, а ги усвоија и: Извештајот за реализација на Годишната програма за одбележување настани и културни манифестации за 2021г, како и Годишната Програма за 2022 г; Извештајот за реализација на Годишната програма за комуникација со јавноста и промоција на Општина Делчево и Годишната програма за 2022 г; Програмата за превенција и заштита на Општина Делчево за 2022 г; Извештајот за реализација на Годишната Програма за работа на Советот на млади и Годишната програма за работа на Советот на млади за 2022 г; програмата за социјална заштита на Општина Делчево за 2022 г; Одлука за утврдување зони за процена на пазарна вредност на недвижен имот и утврдување пазарна вредност на градежно и земјоделско земјиште според просечни цени на извршени купопродажби во претходна година на подрачјето на Општина Делчево; Програма за уредување градежно земјиште на подрачјето на Општина Делчево за 2022 година; Програма за изградба, реконструкција, одржување и заштита на општински патишта и улици во општина Делчево за 2022 година; Мнозинството советници ја усвоија и Програмата за работа на ЈКП „Брегалница“.
Инаку, на почетокот на Седницата, беше верификуван мандатот на советничката Ели Ризова- Ангеловска од Делчево, кандидат од листата на ВМРО ДПМНЕ и Коалицијата ЗА ПОДОБРА МАКЕДОНИЈА која од денеска е нов советник во Советот на Општина Делчево. Верификацијата на мандатот на новиот советник следуваше по оставката од советникот Кристи Стојчевски.