Благодарност до граѓаните на Делчево од Општина Тернопил –Украина

  • News

Градоначалникот на Општина Тернопил од Украина, Сергиј Надал, испрати писмо-благодарница до Општина Делчево, градоначалникот Трајковски и граѓаните на Делчево за хуманитарната помош која беше организирана во Делчево со цел да се помогне на лицата зафатени со воени дејства во Украина.

Во писмото испратено до градоначалникот Трајковски, меѓу другото се потенцира дека хуманитарната помош е голем придонес кон приближување на мирот.

„Дозволете ми искрено да Ви се заблагодарам Вам, на вработените во градското собрание, на жителите на градот Делчево, за обезбедената хуманитарна помош за лицата од зоните на воени дејствија со руските окупаторски трупи.

Вашата заедничка работа со Амбасадата на Украина во Република Северна Македонија, поточно со г-динот Роман Буга, беше завршена на 19.03.2022 година, кога Вашиот товар од 5 тона пристигна во Тернопиљ. Наведенaта хуманитарна помош е голем придонес кон приближување на мирот.

Се надевам на средба со Вас по завршувањето на војната“, се вели во писмото со благодарност од градоначалникот на Општина Тернопил, Сергиј Надал.

Општина Делчево во партнерство со ОО на Црвениот крст-Делчево и Советот на млади, организираа хуманитарна акција за пријателската Општина Тернопил, како одговор на апелот за хуманитарна помош од оваа Општина во Украина со која Општина Делчево има долгогодишна соработка. Во рамките на акцијата за неколку дена хуманите граѓани, фирми и институции донираа хуманитарна помош со тежина од околу 5 тони, која со поддршка на Амбасадата на Украина во Скопје беше дистрибуирана до Тернопил.

Во знак на благодарност, Општина Делчево додели благодарници на сите учесници во хуманитарната акција за нивната солидарност и поддршка на граѓаните кои се соочуваат со хуманитарна криза во Украина.

Shares