Во возвратна посета на Делчево и ТППЕ од Делчево деновиве престојуваат градоначалникот на Општина Чрномељ, Словенија, Андреј Кавасек и претставници од Противпожарната заедница на Општина Чрномељ кои изминатиот период донираа на Делчево противпожарно возило и опрема.
Во знак на благодарност за поддршката и со цел за идна плодна соработка меѓу двете општини и противпожарните друштва, градоначалникот на Општина Делчево, Горан Трајковски, додели плакети на градоначалникот на Чрномељ и на Доброволната противпожарна бригада Стари трг об Колпи.
– Пријателството и хуманоста не познаваат граници, туку добрата намера, доброто дело и подадената рака отвораат можности и градат иднина. Затоа, ми претставува посебна чест што овие денови сме домаќини на градоначалникот на Чрномељ од Словенија, г-от Андреј Кавасек и претставниците од Доброволната противпожарна бригада Стари трг об Колпи кои ги препознаа потребите на ТППЕ од Делчево и донираа возило и опрема со што покажаа дека се големи луѓе и дека добро ги знаат приоритетите на граѓаните и на противпожарната дејност. Очекувам оваа соработка да продолжи и понатаму и меѓу двете противпожарни друштва и меѓу двете општини, истакна Трајковски.