Советниците одлучија: за прв пат жена командир на ПС во Делчево

На 12 Седница на Советот на Општина Делчево, мнозинството советници ја избраа Лејла Анакиевска за нов командир на Полициската станица од општа надлежност во Делчево со што на кормилото на ПС во Делчево, за прв пат застанува жена.

Изборот на командир на полициската станица во Делчево беше единствена предложена точка за Дневниот ред на 12 Седница на Советот, а советниците избираа меѓу тројца предложени кандидати од министерот за внатрешни работи, каде, освен Анакиевска која има 21-годишен стаж во полицијата, беа доставени имињата и на полициските службеници Илчо Дончевски и на Марија Постоловска.

На денешната Седница беше разгледана и дополнителната точка за состојбата на загадувањето во река Брегалница по неодамнешниот помор на риби, кој беше пријавен од спортските рибиловци во Делчево. По однос на оваа точка, советниците донесоа препораки, кои ќе бидат доставени до општинскиот инспекторат за животна средина.

Shares