Во пресрет на Божиќ, евроамбасадорот Гир и градоначалникот Трајковски поделија 30 хуманитарни пакети на социјално загрозени семејства во Делчево. Акцијата за донирање пакети со храна за социјално загрозени семејства ја организира Делегацијата на ЕУ во соработка со Банката за храна и Мрежата на младите европски амбасадори со поддршка на Регионалниот центар за застапување-Делчево и Општина Делчево. Целта на акцијата е да се обезбеди побогата трпеза на семејствата кои живеат во социјален ризик и подостоинствен пречек на православните празници Бадник и Божиќ и оваа акција е прва од ваков тип организирана од страна на вработените во Делегацијата на ЕУ.
– Филантропијата е таа која нè определува како луѓе и наша мисија, како функционери и носители на одлуки, е да помагаме на оние на кои им е потребна помош и да покажеме дека никој не е заборавен. Формата на донирања за нас како Општина е практика која редовно ја спроведуваме и е еден вид на наш одговор за борбата против сиромаштијата. Општина Делчево континуирано работи и се грижи за најранливите и изнаоѓа начини преку разни форми на донирање и финансиска поддршка да помогне на семејствата кои живеат во социјален ризик, рече градоначалникот Трајковски.
Евроамбасадорот Гир посочи дека една четвртина од граѓаните на Европа се соочуваат со некаков вид проблем во обезбедување на храна, а 43 милиони луѓе не можат да обезбедат квалитетн оброк секојдневно, додека во Македонија се соочуваме со голем отпад од храна во текот на производствениот процес и во малопродажниот и потрошувачкиот процес на храната, а 40% од отпадот е сочинет од неискористена храна.
– Мило ми е што постојат организации како Банката за храна коишто се трудат да формираат еден круг, каде нешто сите овие заеднички придобивки ќе ги врзат во едно. Го намалуваат отпадот истовремено вршејќи дела на солидарност со други луѓе коишто имаат потреба од тоа. И ние како Делегација на ЕУ ни е мило што можевме да се придружиме на овој процес. Во пресрет сме на православниот Божиќ и ова е извонредна можност за сите нас да размислиме за тоа каде стоиме со нашата хуманост, солидарност и е одлично време да се солидаризираме и да направиме промени, порача евроамбасадорот Гир.
Секоја можност која РЦЗ ја има ја користи за помош и поддршка на социјално ранливи категории граѓани како едно од клучните хоризонтални прашања на Европската Унија односно сиромаштијата, рече Родне Деолска од РЦЗ.
– Ние речиси 19 години како организација работиме благодарение токму на поддршката од ЕУ која е еден од клучните донатори на нашите проекти и нашите активности се секогаш насочени кон вклучување на различни целни групи во различни тематски области не само во социјалата, меѓутоа сите тие наши заложби се во интерес на унапредување на локалната заедница. Ова е трета акција која РЦЗ како партнер ја прави во Делчево, досега биле вклучени околу 200 граѓани и верувам дека и овој настан денеска ќе може да донесе барем малку мир и благосостојба кај семејствата за престојните празници, нагласи Деолска.
Банката за храна постои 12 години при што се поделени околу 2, 5 милиони тони храна. Претседателот на организацијата Душко Хрисов најави дека со поддршка на градоначалникот Трајковски ќе се воспостави инфраструктура за да профункционира Банката за храна и во Делчево.
Градоначалникот Трајковски претходно имаше работна средба со евроамбасадорот Гир, на која беше запознат евроамбасадорот со спецификите на Делчево, како погранична општина, а се разговарало за приоритетите на Општината, посебно за реализацијата на европските проекти и нивното значење за подобрување на квалитетот на животот на нашите сограѓани и јакнење на демократските процеси, зголемено учество на граѓаните и граѓанските организации во донесувањето одлуки на локално ниво, процеси кои водат кон остварување на европските перспективи.