Со традиционална свечена црковна церемонија и во присуство на стотици верници, денеска се осветија водите на река Брегалница во Делчево. Дејвид Велковски беше најсреќен и највешт и успеа од дваесетината момчиња кои се фрлија во студените води на река Брегалница, да го фати светиот крст при церемонијата за осветување на реката Брегалница.
Традиционално, градоначалникот на Општина Делчево, Горан Трајковски на среќниот фаќач на светиот крст му доделува парична награда во износ од 10.000 денари.
–Осветувањето на водите на река Брегалница на овој убав ден е традиција која опстојува и го чува нашиот идентитет и вера. Тоа е традиција која нѐ обединува во вербата и во желбите за бериќет и благосостојба. Овој ден со себе носи порака на прочистување, оптимизам, надеж и верба во доброто, совршеното, чистото. Упатувам честитки на нашиот сограѓанин кој успеа да го фати светиот крст од студените води на Брегалница и му посакувам да го следи среќа и него и неговото семејство, а да донесе среќа и бериќет на целиот наш град. Нека е за многу годиниsaid Trajkovski.
Среќниот фаќач на крстот традиционално доби подарок и од компанијата „Зегин“. Оваа година компанијата подари машина за перење алишта, а од црквата икона со ликот на Пресвета Богородица.
Инаку, по повод големиот христијански празник Водици, утрово во црквата „Успение на пресвета Богородица“ се одржа богојавленска литургија на која присуствуваа голем број верници, како и градоначалникот Горан Трајковски и претседателот на Советот на Општина Делчево, Гоце Попов и советници од Советот на Општина Делчево.