Градоначалникот Горан Трајковски денеска го посети семејството на првороденото новороденче во Делчево, малиот Ајаз кој е роден на 8 јануари во штипската болница. Ајаз е трето дете на семејството на Сабина Зекировска и Роберт Мемедов, а е прв жител во Делчево за оваа 2023 г.
Семејството ќе добие парична награда во износ од 10.000 денари, која традиционално ја доделува градоначалникот на првороденото во новата година, а со цел да се помогне на семејство кое живее во социјален ризик, Трајковски му донира и пакет со хуманитарна помош.
Инаку, Општина Делчево дарува 10.000 денари на првороденото новороденче во годината чии родители живеат во Делчево. Исто така, како една од социјалните мерки која значи поддршка на родителите кои добиле новороденче, Општина Делчево исплаќа по 3 илјади денари еднократна парична помош. Минатата година по оваа основа се исплатени 230.000 денари.