УО на проектот „Подобрување на водоснабдувањето на Делчево“ донесе одлука за проширување на проектот со нови 1.5 милиони швајцарски франци за изградба на нов резервоар на месноста Чука во Делчево, изградба на други објекти и корпоративен развој на ЈКП „Брегалница“, но и за партиципативно учество на Министерството за животна средина и просторно планирање и на Општина Делчево за изградба на нов водоснабдителен систем во с. Вирче. Оваа Одлука ќе биде доставена на одобрување од СЕКО- БЕРН, Швајцарија.
На денешната Седница на Управниот одбор на Проектот, на која присуствуваше и министерката за животна средина и просторно планирање, Каја Шукова, се дискутираше и за текот на реализацијата на проектот, а договорени се и активности за забрзување на реализацијата и завршување на активностите до крајот на јули годинава. Во рамки на посетата, министерката Шукова и градоначалникот Горан Трајковски, заедно со претставници на Проектот направија посета на терен и увид во изградбата на пречистителната станица за вода за пиење.
Градоначалникот Трајковски изразувајќи благодарност до Швајцарската Влада и Министерството за животна средина и просторно планирање за поддршката на Проектот истакна дека реализацијата на проектот се одвива со задоволителна динамика.
-Деновиве е воведен во работа и изведувачот на работите за фотоволтаичната централа which ќе биде со номинален капацитет од 250 кw- пик со кој се предвидува делумно покривање на потребите за електрична енергија за бунарите и филтер-станицата. Во моментов на објектот на пречистителната станица се монтира металната конструкција и филтрите за прочистување на водата. Завршена е реконструкцијата на прекидната комора и реконструкцијата на пумпната станица во Делчево, додека изградбата на водоводните системи во селата Ѕвегор и Габрово е во тек и досега се завршени над 40% од работите, но се прават напори за интензивирање и завршување на активностите, рече Трајковски.
Министерката Шукова посочи дека Министерството за животна средина и просторно планирање дополнително ќе ја поддржи Општината за изградба и реконструкција на водоводната мрежа во с. Вирче, за што ќе се проектираат средства во наредниот Буџет.
-Она што сакам да го истакнам е дека Општина Делчево е општина што во преземните активности ја има вградено зелената компонента што е наша стартешка определба, има визија во проектите да применува најдобродостапни технологии и да се ориентира кон користење обновливи извори на енергија. Таков пример е токму оваа станица за прочистување на водата што користејќи ја сончевата енергија во голем дел ќе ги покриe потребите за електрична енергија за бунарите и филтер-станицата, посочи Шукова.
Министерката Шукова ја посети и фирмата „Брегал“, една од најбрзорастечките фирми во Делчево, каде неодамна се инсталирани фотоволтаични панели со моќност од 10 кв.
Инаку, Проектот „Подобрување на водоснабдувањето на Делчево“е вреден 7,3 милиони швајцарски франци. Од нив 6 милиони швајцарски франци се донација од Швајцарската Конфедерација, 1, 3 милиони швајцарски франци е инвестиција од Владата, преку Министерството за животна средина и просторно планирање, а 30.000 швајцарски франци е учество на Општина Делчево.