Велигденска изложба во Делчево

  • News

Во Делчево денеска се славеше традицијата поврзана со Велигден која на виделина ги извади сите креативни идеи на домаќинките поврзани со овој голем христијански празник кој е симбол на победата на животот над смртта. Спакувани во  „Велигденска изложба“ на над десет штандови беа изложени илјадници велигденско украсени јајца, најразлични велигденски декорации и украси со што се продолжи традицијата поврзана на Велики четврток по пауза од две години поради пандемијата.

Свои велигденски декорации изложија: ООУ „Ванчо Прке“, ООУ „Св. Климент Охридски“, СОУ „М.М.Брицо“, детската градинка „Весели цветови“, Дневниот центар за лица со посебни потреби, ФГ „Копачка“, вработените во ЈЛБ „Илинден“ и НУЦК „Никола Јонков Вапцаров“, а свои изработки имаа и Соња Стаменкова, како и учениците Сандра, Марија, Нела и Mелани.

Настанот беше збогатен со културно-уметничка програма, на која, освен ученици од основните училишта настапија и КУД „Гоце Делчев“ и ФГ „Никола Јонков Вапцаров“.

 Традиционалната „Велигденска изложба“ има хуман карактер. Годинава собраните средства од изложбата ќе бидат донирани на ученици кои живеат во социјален ризик.

Инаку, градоначалникот Трајковски кој ги додели наградите за најдобри штандови, изрази задоволство од богатството велигденски креации и истакна дека традицијата е таа која ни го чува идентитетот и во ова модерно време цврсто нè држи за корените.

 Изразувам честитки на сите учесници на „Велигденската изложба“ сите заедно го направија овој убав ден да биде богат и празничен и сите успеаја во својата задача да ја промовираат традицијата за Велики четврток, ден кога се бојадисуваат велигденските јајца. Велигден е најубавиот христијански празник, тој е празник на љубовта, мирот на животот. Нека е за многу години!-истакна Трајковски.

Првата награда за најдобар штанд во износ од 3.000 денари ја доби детската градинка „Весели цветови“, втората во висина од 2.000 денари ја доби ООУ „Св. Климент Охридски“, додека третата во износ од 1.000 денари беше за ООУ „Ванчо Прке“, а сите учесниците добија благодарници за учество на „Велигденската изложба 2023“.

Традицијата поврзана со Велики четврток е појдовна идеја за Велигденската изложба или јајцејадата. Велики четврток е денот кога започнува Христовото страдање и кога е донесена неговата смртна пресуда по предавството од Јуда. Првото бојадисано јајце треба да е во црвено – и ја симболизира Христовата крв.

Shares