Ќе се реконструира салата во Спомен-домот АСНОМ

  • News

По повеќе од 50 години од изградбата на Спомен-домот АСНОМ, за прв пат ќе се реконструира малата сала со што се враќа сјајот на култното место на културата во градот. Во Делчево наскоро започнува реализацијата на проектот „Реконструкција и санација на малата сала, влезот и влезниот хол во спомен-домот АСНОМ, вреден 9,6 милиони денари. Финансиската поддршка е од Министерството за култура во рамките на Програмата за користење средства за капитални дотации до единиците на локалната самоуправа во областите на културата за 2023 година.

Градоначалникот Трајковски изразувајќи благодарност до Министерството за култура за поддршката за овој значаен проект за Делчево ги потенцираше предвидените интервенции кои ќе донесат Делчево да има современа сала за културни настани.

Предвидени се бројни интервенции, но јас ќе споменам дел од нив, како изградба на рампа за лица со попреченост; изградба на санитарни чворови, рехабилитација на постоечкиот под на фоајето, реконструкција на постоечкиот плафон, нова електрична инсталација и ново осветлување, замена на внатрешните врати, замена на подот на сцената,  изградба на помошни простории до сцената со намена за гардероби и просторија за реквизити и машинска просторија за греењето. На почетокот на месецот јуни ќе биде распишан тендерот со кој ќе го избереме најповолниот економски оператор за изведување на работите, а очекувам градежните работи во оваа фаза да завршат до крајот на оваа година, истакна Трајковски.

Трајковски потсети дека паралелно се работи и на санација на кровот, за што веќе Општина Делчево има спроведено јавна набавка. Фирмата ПАНЕЛ-М, со подобрување на временската состојба, ќе ја продолжи работата на санација на кровот.

-Ова е уште еден доказ за нашата посветена работа.Чекор по чекор и по приоритети ги решаваме старите наталожени проблеми и максимално сме посветени во изработката на техничка документација и аплицираме на голем број повици кај донатори, за да ја постигнеме целта-подобар квалитет на животот на нашите граѓани, посочи Трајковски. 

Во малата сала се одржуваат сите свечености и културни настани во Делчево, но таа максимално се корсити и за подготовка и проби на секциите при НУЦК „Никола Јонков Вапцаров“ и Фолклорната група при НУЦК „Никола Јонков Вапцаров“, Пејачката група „Ѓурѓа“, КУД „Гоце Делчев“ Делчево, како и за проби и настапи на ФГ „Копачка“ од с. Драмче и други здруженија кои работат во областа на културата.

Сепак, поради староста на објектот и лошите услови, салата последните години беше делумно отворена за настани. Реализацијата на проектот ќе овозможи во Делчево да има сала за одржување настани од областа на културата со сите современи услови кои ги бара културата во 21 век што ќе овозможи и збогатување на понудата за љубителите на уметноста.

Shares