В сабота започнува со работа новиот градски пазар

  • News

Новиот современ градски пазар во Делчево, в сабота, 24 јуни, ги отвора вратите за продавачите и купувачите. На модерни тезги со обезбедени санитарни услови за поголема хигиена што значи побезбедна манипулација со храната, под затворен простор и заштита од атмосферски влијанија, обезбедена дневна светлина со лексан- панел и вода во сите објекти со санитарни чворови, ќе се одвива првиот пазарен ден на новиот градски пазар.

Делчево, прв пат во својата историја, добива современ градски пазар. Овој објект по своето значење е капитален и ќе овозможи развој на локалната економија, а со својот изглед и локацијата, ќе овозможи да се создадат атрактивни локации за нови градби и развој на овој дел од градот. Современиот градски пазар, освен што ќе оди во прилог на сите продавачи и купувачи и ќе им обезбеди современи услови на тргување, односно пазарување, тој ќе има значење и на економски центар не само во градот, туку и регионот, бидејќи Делчево, како погранично место е честа дестинација на гости од цела држава, но и од соседството. 

Изградбата на ваков објект е децениска желба и потреба на делчевци. По теркот на големите градови, во современи услови, ќе се одвива продажбата на овошје и зеленчук и друг вид стока и производи од текстил и облека. Новиот градски пазар располага со 18 дуќани, 192 продажни пунктови, како и 4 санитарни јазли. Вкупната површина на објектот изнесува 2.408 м2 од кои 337,32м2 припаѓаат на затворениот дел со сопствени санитарии и влезови, а останатите 2070,9м2 се отворена површина, каде се сместени тезгите за продажба.

Вкупната вредност на новиот градски пазар е 45 милиони денари. Од нив 50% се средства инвестирани од Општина Делчево, а останатите се од Владата на РСМ преку Агенција за финансиска поддршка на руралниот развој и преку Центарот за развој на Источно-планскиот регион. Со одлука на Советот, новиот градски пазар е даден на трајно користење на ЈКП „Брегалница“.

Со цел обезбедување инфраструктура во централно градско подрачје за непречена комуникација на сообраќај и пешаци кај новиот градски пазар, за оваа година, Општина Делчево во Развојната програма има планирано инвестиција во износ од 7,1 милион денари за изградба на улици во градскиот пазар, улица 6.1 и тротоари на улица 4.

По повод започнувањето со работа на современиот градски пазар, Општина Делчево организира пригодна свеченост на 24 јуни (сабота) со почеток во 12.00ч

Shares