Индекс на активна транспарентност: Општина Делчево со многу добра транспарентност и за 2023 г.

  • News

Општина Делчево се наоѓа на високото 6 место од сите 98 институции, (Владата, министерствата и општините) по исполнување на обврските за активна транспарентност за 2023 година.

Ова го покажува Индексот на активна транспарентност од Центарот за граѓански комуникации во редовното годишно рангирање на институциите, односно според проактивното објавување информации од јавен карактер во кое се вклучени 98 институции, односно Владата и сите министерства и општини.

Активната транспарентност на Општина Делчево во 2023 година изнесува 97,1 % (од можни 100 %) со што Општината се наоѓа во групата институции со ’многу добра‘ активна транспарентност (исполнување на обврските од 80 % до 100 %). Со овие бодови, општината се наоѓа на 6-та позиција од вкупно 98 рангирани институции или трета општина во Република Северна Македонија, додека првото место во ИПР го дели со општините Берово и Кочани.

Овие податоци докажуваат дека Општина Делчево четврта година по ред одржува високо ниво на активна транспарентност и веќе 4 години е меѓу институциите со многу добра активна транспарентност, за разлика од претходниот период кога Општината имаше просечна транспарентност.

Меѓу регионите, пак, на повторно на првото место e Источниот Регион (со 83 % активна транспарентност), а на последно место останува Скопскиот Регион (со 66 отсто активна транспарентност).

Просечната активна транспарентност на Владата, министерствата и на општините за 2023 година изнесува 76% (од максимално можни 100%) и во однос на лани е подобрена само за 3 процентни поени. Активната транспарентност на министерствата и Владата изнесува 86%, а на општините 74%. За разлика од лани, министерствата се подобриле за помалку од еден процент, додека општините се подобриле за 4%.

Под ’активна транспарентност‘ се подразбира објавувањето информации на сопствена иницијатива на институциите, без притоа некој да има доставено до нив барање за пристап до тие информации. Постои и законска основа за проактивно објавување информации, која се наоѓа, пред сè, во Законот за слободен пристап до информациите од јавен карактер, но и во низа други закони, како што се Законот за локалната самоуправа, Законот за буџетите, Законот за јавен долг, Законот за финансирање на единиците на локална самоуправа и др. Освен од регулативата, активната транспарентност произлегува и од добрата практика, а институциите имаат обврски за проактивно објавување информации и од акциските планови во рамките на иницијативата за Партнерство за отворена власт.

Истражувањето е изработено во рамките на проектот „Мониторинг на јавните набавки“ што го спроведува Центарот за граѓански комуникации, а е финансиски поддржан од Фондацијата Отворено општество – Македонија.

May be an image of text

Shares