Ученици од Делчево на противпожарен камп во Словенија

  • News

Осум ученици од основните училишта од Делчево заедно со градоначалникот, Горан Трајковски и претставници од ТППЕ Делчево присуствуваат на 20 интернационален противпожарен камп во Општина Чрномељ, Р. Словенија.

На кампот учествуваат 190 деца поделени на водови, а за секој вод е определен по еден ментор. Учениците низ детски игри, дружење, показни вежби со пожарникарите, се запознаваат со работата на пожарникарите, учат како се користи опремата со цел да научат што значи да се биде пожарникар.

Целта на овој традиционален камп кој се одржува во Чрномељ, е да се мотивираат младите да се приклучат кон доброволните противпожарни друштва. Учеството на ученици од Делчево на овој камп е резултат на добрата соработка на двете општини, Делчево и Чрномељ.

Градоначалникот Горан Трајковски во своето обраќање на отворањето на кампот, истакна дека соработката меѓу двете општини која започна минатата година со донации на две возила и опрема за делчевските пожарникари, испишува нови страници.

– Оваа соработка отвора перспективи и ги мотивира младите да ја засакаат оваа хумана професија. Очекувам дека ќе можеме ова практика на Општина Чрномељ за организирање младински противпожарен камп да ја примениме и во Делчево, бидејќи размената на искуства, основните познавање на оваа професија кои се стекнуваат на ваков начин е во насока за мотивација на младите да ја засакаат и да ја разберат професијата пожарникар, рече Трајковски.

Инаку, градоначалникот Трајковски за време на престојот во Словенија ги посети и македонските војници кои работат на санација на штетите во поплавените подрачја при што имаше и средба со командатот на војската, капетан Зоран Сумрачки.

Воедно, беше и дистрибуирана помошта која изминативе денови беше собирана од ученици од Делчево за помош на настраданите од полавите во Делчево.

Shares