Соопштение до граѓаните

Општина Делчево ги информира граѓаните дека во тек е постапка за отстранување на бесправно изградените гаражи и други помошни објекти на бул „Македонија“, кои даваат лош изглед на градот, а исто така, се изградени на земјиште во сопственост на РСМ. Потенцираме дека станува збор за процедура која бара одредени рокови.

Во интерес на постапката која се води транспарентно, повторно ќе се организира средба со сопствениците и претставници од Општина Делчево заедно со градежната инспекторка.

Бараме трпение од граѓаните и потенцираме дека во тек е решавање на проблемот.

Воедно, општинските инспекциски служби од утрово повторно беа на терен во врска со пријава за оставен огревен материјал- дрва на јавна површина и во дворни места на станбени згради и ним им е наложено во законскиот рок од 14 дена да го отстранат. Исто така, на јавна површина има оставено пластичен отпад за што е наложено да биде отстранет веднаш.

Воедно, апелираме до граѓаните за поголема свест и грижа за животната средина, да се почитуват законите од областа на комуналната хигиена и јавна чистота, за да имаме почиста и поубава средина, да не се нагрдува градското подрачје и да не се провоцираат парични казни.

Shares