Потсетување за задолжителна зимска опрема во возилата

Општинскиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата Делчево ги потсетува возачите за обврската за поседување на пропишана зимска опрема во возилата со важност од денеска 15 ноември па се до 15 март. Оваа обврска е утврдена во член 361 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, но и во член 46 од Законот за возила, а опремата е дефинирана во Правилникот за задолжителна опрема на возилото, велосипедот и запрежното возило за безбедно учество во сообраќајот на патиштата, како и на трактори за безбедно извршување на земјоделски односно шумски работи.

Согласно Правилникот, како зимска опрема на моторните возила со најголема дозволена маса која не надминува 3.500 кг. се подразбира:

  1. зимски пневматици на сите четири тркала, со минимална длабочина на шарите на слојот што гази по обем и широчина од 4 милиметри;
  2. пневматици со летен профил на сите четири тркала со длабочина на шарите на слојот што гази по обем и широчина, со минимум од најмалку 4 мм., ако возилото во приборот има синџири за снег со адекватна големина за погонските тркала или други соодветни помагала.

Како зимска опрема за моторни возила со погон на четири тркала (4 x 4) се подразбира:

  1. зимски пневматици на сите четири тркала, со минимална длабочина на шарите на слојот што гази по обем и широчина од 6 мм;
  2. пневматици со летен профил на сите четири тркала со длабочина на шарите на слојот што гази по обем и широчина со минимум од најмалку 4 мм., ако возилото во приборот поседува синџири за снег и во случај кога имаат постојан погон, синџири за снег треба да имаат најмалку за задната осовина, а во случај на преклоплив погон, синџири за снег треба да имаат најмалку на постојано вклучената осовина.

Како зимска опрема на моторните возила со најголема дозволена маса која надминува 3.500 кг. се подразбира:

  1. зимски пневматици на погонските тркала со минимална длабочина на шарите на слојот што гази по обем и широчина од 6 мм.
  2. пневматици со летен профил на сите тркала, со длабочина на шарите на слојот што гази, по обем и широчина со минимум од 4 мм, ако возилото во приборот има синџири за снег со адекватна големина за погонските тркала или други соодветни помагала;
  3. автобуси и товарни моторни возила кои поради технички причини не можат да постават синџири за снег на погонските тркала треба да имаат зимски пневматици на погонските тркала и прирачен алат – лопата.

Зимски пневматици се оние пневматици кои на својата бочна страна имаат ознака „MS”, “M+S”, “M & S” и знак на снегулка на стилизирана планина со три врва.

За возачите кои нема ја почитуваат оваа одредба во законската регулатива е пропишана и глоба во износ од 45 евра во денарска противвредност согласно Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, но и во износ од 100 евра во денарска противвредност согласно Законот за возила.

Shares