Културно и историско наследство
Сместена во горното течение на реката Брегалница со правец на протегање север-југ, Пијанечката Котлина претставува една интересна микроцелина која била интересна за населување на човекот уште од неолитскиот период. Плодната почва и реката Брегалница која во себе прима голем број помали притоки, како и околните шуми и планини му ги овозможуваат сите потребни услови на човекот за развој на земјоделие и сточарство. Сместено помеѓу сливот на р. Струма од исток и Овче Поле и р. Вардар од запад, ова место од секогаш претставувало „мост“ преку кој комуницирале поголемите заедници од тие предели.
Првите објавени податоци за овој регион потекнуваат од 50-тите години на минатиот век, кога екипа предводена од проф. д-р. Милутин Гарашанин од Белградскиот Универзитет ги прави првите рекогносцирања во Пијанец (што подразбира барање, позиционирање и опис на локалитети). Во следните децении значајни се рекогносцирањата на Апостол Керамитчиев, како и на професорите од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ проф. д-р. Иван Микулчиќ и проф. д-р. Виктор Лилчиќ Адамс.[1] Значајни археолошки истражувања се преземени во 2001 год. кога биле ископувани неколку археолошки локалитети и била оформена збирката на Локалниот музеј во Делчево, каде што се изложени предметите. Паралелно со овие археолошки истражувања ќе се појават и стручните трудови на проф. д-р. Александар Атанасовски кои значително ќе ги надополнат податоците за раното христијанство во Пијанец и развојот на Византиската империја на овие простори. Етнолошките карактеристики на Пијанец се добро документирани од страна на Димитар Узунски кој целиот свој живот го посвети на истражувањето и промоцијата на етнологијата и музика во својот Пијанец. А, како најзначаен успех за него и за неговите соработници беше ставањето на орото „Копачка“ под заштита на нематеријалното културно наследство при УНЕСКО во 2014 година.
Како што кажавме, најстарите податоци за живот на територијата на град Делчево потекнуваат од неолитскиот период (6 мил. п.н.е.), а траги од тоа време се регистрирани на локалитетите Скокото кај с. Габрово, Долно Градиште и Чука во околината на Делчево, Јаков Рид/Селиште и Чукар во Костин Дол. За жал, не се вршени археолошки истражувања и немаме подетални податоци за тие населби. Повеќе податоци имаме за следниот енеолитски период, пред сѐ, благодарение на археолошките истражувања во 2001 година, кога на јужното плато биле откриени остатоци од еднослојна населба. Според откриената материјална култура оваа населба опстојувала некаде во втората половина на 5 мил. п.н.е., време, кога на оваа поширока територија се развивала културната група Бубањ-Салкуца-Криводол (БСК) која се карактеризира со графитно сликање на садовите и антропоморфните фигурини кои имаа богата врежана орнаментика.
Недостасуваат податоци за други енеолитски населби, како и за локалитети од бронзеното време. Од следниот период, односно од железното време главни сознанија имаме од Големо Градиште кај с. Вирче, Могилка кај Делчево, Врница, Јазова Чука и Градиште с. Драмче, покрај овие, постојат уште неколку тумули и населби од јужните краеви на Пијанец кај Муштица, Косевица, Луковица и Македонска Каменица. Според откриените артефакти јасно се гледа дека тие ја прикажуваат Пајонската култура на железното време (900-600 год. п.н.е.).
Во периодот на раната антика, Пијанец спаѓа во територијата на Пајонците, првиот историски народ на нашата територија. Доста застапен е Римскиот период од кога потекнуваат повеќе населби и могили, од коишто дел биле истражувани во 2001 и 2002 год. Ископувања се вршени на следните римски могили или тумули-Чукарка с. Очипала, Мало Градиште с. Вирче, Могила с. Ветрен, Среден Рид с. Бигла и Студена Чешма Делчево. Со тие ископувања се пронајдени голем број на керамички и стаклени садови, накит, оружје и монети кои се наоѓаат во збирката на Музеј на Град Делчево-„Пијанец“.
Овој регион бил доста експлоатиран и во раното христијанство од кога потекнуваат околу 20 ранохристијански цркви, меѓу кои за издвојување е базиликата кај Калата кај Дулица. Понатаму во средниот век на овие простори биле подигнати и утврдени многу градишта, кастели и кули, за што сведочат тврдината во с. Град и Кулата која се наоѓа од спротивната страна на Пијанечката котлина, како и Калата, локалитети кои треба да бидат подобро третирани и презентирани пред јавноста. За христијанската вероисповест и силните врски со црквата на луѓето од Пијанец сведочат повеќе цркви, од кои најзначајни и заштитени со закон се црквите „Св. цар Константин и царица Елена“ во с. Разловци, црквата „Св. Петка“ во с. Селник и црквата „Св. Архангел Михаил“ во с. Драмче најголемиот дел се среќава во Драмче и околината. На овие простори во текот на 9-11 век доаѓа до подем на Бгергалничката епископија под чија јуриздикција се поменуваат и градовите Пијанец, Луковица и Малешево кои треба да се бараат на територијата на Пијанечко-Малешевскиот регион. Дел од тие цркви се уште се живи и се во служба на граѓаните, што сведочи за културното минато и традиционалните вредности на населението во Пијанец.
Во Музејот на град Делчево„Пијанец“ може да се видат и голем број етнолошки предмети кои сведочат за секојдневниот живот и потребите на човекот во поново време. Грнчаријата, дрвените предмети, разбојот, како и земјоделските предмети сведочат за едноставниот живот на човекот овде, врзан за сточарството и примитивното земјоделство, живеејќи го овој начин на живот со векови, притоа негувајќи ја традицијата и семејството.
Значјни за Делчево се и природните споменици кои носат пораки за животот во овој крај од пред милиони години и претставуваат атракција за посетителите. Заштитени како природна реткост со Решение за заштита како природна реткост од Министерството за животна средина и просторно планирање. Во таа категорија спаѓаат локалитетите: палеонтолошкиот локалитет кај Стамер, карактеристичниот геолошки профил кај Ѕвегор, како и Киселичката Пештера-спелеолошки објект.
Во Археолошката карта се регистрирани околу 110 локалитети од Пијанец кои сведочат за милениумскиот континуитет на живот на овие простори. За жал, најголем дел од овие локалитети не се ископувани чекајќи ја сè уште археолошката мистрија да ги разоткрие нивните тајни.