Културни Манифестации

Обичај под маски Ѕвегорска сурва

Живото културно наследство, обичајот под маски Сурова, во селото Ѕвегор се одржува на денот Василица, односно на 14 јануари. Уникатен по многу нешта, овој локален вековен обичај етнолозите го нарекуваат и Пијанечко Вевчани. Традиционалните маски на суроваскарите симболизираат свадбена поворка со задолжителни ликови на невеста и младоженец, белаци, поп, стари баби и сл.

Планинарски марш по повод Февруарскиот поход

Традиционално, кон крајот на месецот февруари, а по повод одбележување годишнина од Февруарскиот поход, Општина Делчево организира планинарски марш до планината Голак на кој учествуваат поголем број граѓани и претставници од планинарски клубови од земјава. Патеката е долга 24 км во двата правци.

Инаку, успешното изведување на Февруарскиот поход имало големо политичко и воено значење за текот на НОВ. Планината Голак заедно со Беласица, Плачковица и Осогово била дел од маршрутата на Третата борбена единица која заедно со Главниот штаб требало да стигне за десетина дена во Источна Македонија со што започнале борбените операции од пошироки размери на македонската партизанска војска познати како Февруарски поход.

Априлијада

 Традиционално на 1 Април, Меѓународниот ден на шегата, Општина Делчево во партнерство со образовните институции од градот, организира дефиле под маски.Настанот има ревијален карактер.

Велигденска изложба

По повод големиот верски празник Велигден, Општина Делчево традиционално организира „Велигденска изложба“ на која учествуваат училишта, институции, здруженија на граѓани, граѓани. Со цел да се поттикне креативноста на учениците и, воопшто, на учесниците, Општина Делчево доделува три награди на најдобрите декорации. Оценувањето го врши Комисија избрана од Комисијата за организирање културни настани и манифестации. Настанот има продажено-хуманитарен карактер.

Одбележување годишнина од Разловечкото востание

Општина Делчево традиционално одбележува годишнина од Разловечкото востание, првото вооружено Востание на македонскиот народ кое било организирано од локалните жители на 20 мај 1876 година.

По тој повод во дворот на црквата „Св. Цар Константин и царица Елена“во селото Разловци се организира културна програма со настап на културно-уметнички друштва, ликовна колонија и ликовна изложба, како и планинарски марш.

Одбележување на патронот на градот 24 Мај-Денот на сесловенските просветители Кирил и Методиј

Општина Делчево го одбележува Денот на сесловенските просветители, светителите Кирил и Методиј, 24 Мај, како заштитници на градот Делчево. По тој повод, традиционално се организираат низа настани од областа на културата, како и научни трибини со кои се промовира делото на словенските просветители Кирил и Методиј.

Делчевско лето

 Општина Делчево во текот на летниот период и во соработка со други институции, бизнис-заедницата и надлежното Министерство за култура, организира низа настани од областа на културата со цел да се збогати културната понуда во летниот период при што се очекува присуство на граѓани од Делчево, наши иселеници и граѓани од соседните општини. Во рамките на Програмата се организираат летни концерти на отворено со настап на познати естрадни ѕвезди.

Голачки фолклорни средби

Во пресрет на верскиот празник Свети Пантелејмон, Општина Делчево во соработка со НУЦК „Никола Јонков Вапцаров“ ги организира традиционалните „Голачки фолклорни средби“. Фетсивалот има меѓународен карактер, а се одржува вечерта на 8 август на летната сцена на врвот Чавка на планината Голак покрај манастирот посветен на Свети Панталејмон.

Одбележување на Денот на ослободувањето и независноста на Република Македонија

По повод  7 Септември, Ден на ослободување на Делчево и 8 Септември, Ден на независноста на Р. Македонија, Општина Делчево организира низа културни настани. Во рамките на одбележувањето се одржува и свечена седница на Советот на Советот на Општина Делчево на која, освен презентацијата на реализираните проекти, се доделуваат и општински награди и признанија.

Пијанечко-малешевска свадба

Општина Делчево во партнерство со КУД „Гоце Делчев“ од Делчево ја организира  традиционалната културна манифестација „Пијанечко-малешевска свадба“. Традиционалната свадба има за цел да ја сочува од заборав богатата палета од свадбарски обичаи од регионот. Културната манифестација се одржува на почетокот од месец септември.

Денови на пијанечката слива

Општина Делчево традиционално го организира настанот „Пијанечки денови на сливата“ со цел промоција на сливата како еден од најзастапените земјоделски производи кај нас. Учесници на настанот се ученици од општинските училишта,детската градинка, здруженија на граѓани, фирми и институции. Целта е да се промовира сливата како овошје- бренд во регионот и традиционалните производи од слива карактеристични за регионот.Во рамките на промотивниот дел на производи од сливи се доделуваат и награди за најдобрите производи и декорации.

Новогодишна програма

Во рамките на Новогодишната програма, Општина Делчево организира низа културни настани со цел да ја збогати културната програма за граѓаните на Делчево и да придонесе во збогатување на празничната новогодишна атмосфера.

                     Одбележување значајни историски датуми

 

  • Одбележување на денот на раѓањето на македонскиот револуционер и идеолог Гоце Делчев, 4 февруари;
  • Одбележување на Светскиот ден на Ромите, 8 Април;
  • Одбележување на денот на убиството на Гоце Делчев,4 Мај;
  • Одбележување на Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа, 9 Мај;
  • Одбележување годишнина од Илинденското востание, 2 Август;
  • Одбележување на Денот на Востанието на Република Македонија и Денот на борецот, 11 Октомври;
  • Одбележување на Денот на македонската револуционерна борба, 23 Октомври