Ѕвегорската Сурова испиша ново издание

  • Новости

Ѕвегорските суроваскари го продолжија живото културно наследство во Пијанец поврзано со Василица. Локалниот обичај под маски или театарот на отворено во кој главните ликови, невестата и младоженецот, белаците, бабите, мечките, го бркаа лошото од Пијанец, благословувајќи ги домаќините со сурова-млада и здрава нова година, се одржува и денеска во делчевското село Ѕвегор. Зачувувајќи ја автентичната традиција на весела свадбена поворка збогатена со многу нови ликови, седумдесетина маски и годинава дефилираа низ селото не одминувајќи ниту една куќа во него.

Годинава, ѕвегорската  Сурова се организира под покровителство на компанијата МАНОВ ДОО и Општина Делчево. Ѓорѓи Манов кој е кум на овогодишното издание истакна дека настанот и годинава ќе продолжи во духот на традицијата долга неколку векови.

-Не сакаме многу да менуваме туку и годинава Ѕвегорската сурова се организира во духот на традицијата. Почнала на тој начин што првите христијански семејства кои живееле околу Ѕвегор се маскирале од Луков Врв, Мановци и Дрндарица и доаѓале во Ѕвегор. Турците не давале да одат ноќе и затоа таа традиција е дење, додека во околината обичајот Сурова се прави ноќе, вели Манов.

Сурова во Ѕвегор е уникатна по многу нешта. Еротските игри асоцираат на плодноста, старите баби и мечкарите им помагаат на болните, а се црнат присутните и гостите за здравје. Белаците се војска кои со дрвени сабји и пушки ја чуваат невестата предвреме откриена.

Поддршка за реализација на оваа традиција секоја година има и од Општина Делчево.

Градоначалникот Горан Трајковски кој го потенцираше значењето на ова живо културно наследство истакна дека локалниот обичај по значењето и по богатството на маски го нарекуваат Пијанечко Вевчани.

-Мене ме радува што ѕвегорските суроваскари се држат цврсто за традицијата која е уникатна по многу нешта. Последниве години многу млади од ова село Ѕвегор ја продолжуваат традицијата со што се обезбедува иднината на овој култен обичај под маски чија цел е со овој театар на отворено, да се избрка злото во некрстените денови од Пијанец. Како Општина, даваме поддршка на традицијата. Нека е за многу години, весела, сурова и здрава стара нова година, рече Трајковски.

Суроваскарите ќе го завршат танцот во селото доцна попладнево и на трпеза подготвена од кумот на свадбата ќе се открие несветата и ќе паднат сите маски од годинешната сурова.

Shares