Во рамките на Програмата за изградба на нови објекти и за реконструкција, санација и адаптација на постојните објекти што ги користат националните установи од областа на културата за 2020 година, Министерството за култура одговори позитивно на апликацијата од НУЦК „Никола Јонков Вашцаров“ од Делчево и одвои 500.000 денари за доизградба и санација на кровната конструкција на Спомен-домот „Разловечко востание“.
Инвестицијата ќе се реализира во текот на 2020 година со што по толку години, овој значаен историски објект кој го чува споменот на првото самостојно вооружено Востание на македонскиот народ за ослободување од Отоманската Империја, ќе се спаси од пропаѓање.
Спомен-домот посветен на Разловечкото востание повеќе од десет години е во кататсрофална состојба. Пред пет години беше започната поткровната реконструкција, но кровот беше оставен без ќерамиди. Оттогаш, ова е прва посериозна инвестиција на Министерството за култура врз објектот кој е во сопственост на државата, а даден на трајно кроистење на НУЦК „Никола Јонков Вапцаров“ од Делчево.
Инаку, Спомен-домот „Разловечко востание“ е значајно и уникатно архитектонско дело на архитектот, проф. д-р Ѓорѓи Константиновски кој во 1980 ја освои и првата награда за архитектонско решение на весникот „Борба“ на ниво на СФРЈ.