На предлог на градоначалникот Горан Трајковски, советниците на денешната 37 Седница на Советот на Општина Делчево донесоа Одлука со која се препорачуваат низа локални мерки за заштита од појавата и евентуалното ширење на зараза од коронавирусот.
Претседателот на Советот на Општина Делчево, Драган Маневски, истакна дека следејќи ја состојбата со актуелната пандемија со коронавирусот, Општина Делчево е исправена пред предизвикот да се сочува здравјето на граѓаните и да не се дозволи ширење на болеста и на териоторијата на Општина Делчево.
-Според официјалните податоци добиени од Центарот за јавно здравје Кочани и Епидемиолошката служба од Делчево, на територијата на нашата Општина нема евидентирано случај со коронавирус, ниту има сомнителни случаи. Со цел да ја зачуваме мирната епидемиолошка слика и да не дозволиме евентуална појава и ширење на вирусот, како одговорна Општина, на предлог на градоначалникот Горан Трајковски, денеска треба да донесеме Одлука со која ги официјализираме мерките кои ќе се преземат на локално ниво, а по препорака на Министерството за здравство, рече Маневски.
Претседателот на Советот, Маневски, испрати апел до граѓаните на Општина Делчево да ги почитуваат препораките од Министерството за здравство со цел да ја сочуваме мирната епидемиолошка слика во Делчево и да ја превенираме пандемичната зараза:
–Се апелира до сите граѓани да го намалат движењето во институциите, освен за итни и неодложни работи. Движењето надвор од своите домови да го сведат на минимум, единствено за неодложни и итни потреби. Особено да се избегнува посета на угостителски објекти, паркови, отворени и затворени простори со капацитет за собирање на поголема група на луѓе.
-Апелираме, информациите поврзани со новонастанатата ситуација со COVID-19 (корона вирус) да се црпат исклучиво од Министерството за здравство, поради тоа што лажни информации креираат паника меѓу населението.
–На сите лица кои биле надвор од територијата на Република Северна Македонија и на граѓаните кои се сомневаат дека имаат симптоми на корона вирус, им се препорачува да се јават на броеви: Ало докторе 02 15 123 и Центар за јавно здравје Кочани 071 373 913
Препораките кои денеска ги усвоија советниците се однесуваат на следниве локални мерки за заштита на населението на Општина Делчево од коронавирусот:
1. Времено се укинуваат приемните денови во Општина Делчево и работата со странки при ЕЛС Општина Делчево. Своите потреби, информации и прашања граѓаните ќе можат да ги реализираат, секој работен ден од понеделник до петок од 7:30 -15:30 часот на телефонот (033) 411 550 со следните локали:
–Одделение за урбанизам – локал 115,–Сектор за финансии – локал 107;–Едношалтерски центар – локал 114;-Преку праќање на е-маил на следната електронска пошта: info@delcevo.gov.mk; Преку официјалната веб– страница на ЕЛС Општина Делчево –www.delcevo.gov.mk
Службите на ЕЛС Општина Делчево се ставени во функција да им излезат во пресрет на сите граѓани, да ги информираат за начинот на достава, начинот на поднесување барања и слични документи преку горенаведените начини за комуникација.
2. Да се изврши дезинфекција на сите лиценцирани возила (комбиња, автобуси, такси) за јавен превоз. Во зависност од потребата, дезинфекцијата да се врши повеќекратно во текот на денот.
Да се изврши дезинфекција на градинките, основните и средните училишта, како и дневните центри согласно со препораките од Министерство за здравство и Министерство за образование и наука.
3. Се наложува на ТППЕ Делчево и ЈКП „Брегалница“ редовно да ги мијат улиците во централното градско подрачје, каде има поголема фреквенција на луѓе, посебно по завршување на пазарниот ден на градскиот пазар.
4. Се забранува организирање локални настани, јавни собири, културни манифестации, промоции, панаѓури, саеми, спортски настани и слично на локално ниво, сѐ до моментот на изрекување нови мерки и препораки од страна на Министерство за здравство на РСМ.
На 37 Седница на Советот на Општина Делчево беа донесени и завршните сметки на Општина Делчево и на јавните локални институции.