Прес на градоначалникот Трајковски: Да не се дезинформира јавноста

  • Новости

Почитувани граѓани,

До денес, 9 април во Општина Делчево нема заразени граѓани со коронавирус и се надевам дека и понатаму ќе имаме мирна епидемиолошка слика. Во Општина Делчево до денес има и 6 лица во самоизолација кои се без симптоми.

Како Општина заедно со Општинскиот кризен штаб ги преземаме сите можни мерки за зачувување на здравјето на граѓаните, но должен сум и да реагирам на секое несоодветно однесување на одредени групи или поединци.

Како градоначалник на Општина Делчево и одговорно лице на Општинскиот кризен штаб на Општина Делчево, згрозен сум и остро реагирам на лажните информации споделени на фб-страницата „Делчевски актуелности“ во врска со  наводниот оперативен кризен штаб на фб- групата „Не доаѓајте во Делчево за доброто на сите нас“, каде се најавуваат некакви нивни активности.

Во време кога граѓаните на нашата држава, а со тоа и на нашиот град Делчево, живеат во вонредна состојба и под секојдневен притисок од страв и неизвесност за здравјето на секој поединец, а надлежните општински служби се секојдневно во борба за зачувување на јавното здравје и спречување на појавата и евентуалното ширење на заразата од коронавирусот и на територијата на Општина Делчево, да се шират лажни вести е нехумано и оддава впечаток на несериозност или мајтапење и креирање погрешен впечаток за улогата и мерките кои ги презема Општина Делчево и Општинскиот кризен штаб во време на криза, каква не сме имале во нашата општина и држава, предизвикувајќи вознемиреност кај граѓаните.

Сакам да потенцирам дека погрешните или злонамерни информации, за време на вонредната состојба, би можеле да предизвикаат значителна штета, докажано ја поткопуваат демократијата и внесуваат дополнителна паника и страв кај граѓаните.

 Во таа смисла, ги повикувам администраторите на фб-страница да достават информација за креаторите на лажната вест, да ја избришат веста и јавно да се извинат на граѓаните, а, исто така, информирам дека како институција ги информиравме надлежните служби за случајот со ширење лажни вести во Делчево.

Воедно, сакам да ја информирам јавноста дека сите ресурси на Општина Делчево и Општинскиот кризен штаб, заедно со сите надлежни служби, ги преземаат сите мерки на локално ниво со цел да се спречи појавата на заразата од Ковид-19 и за сите мерки и активности редовно информираме на општинската веб -страница www.delcevo.gov.mk.

Социјалните мрежи не се релевантен извор на информации, а секој поединец кој ќе влезе во играта со лажни вести и дезинформации, од за него познати причини, ќе одговара согласно со законот.

Shares