Започнува реализацијата на проектот МСИП за подобрување на општинските услуги

На почетокот на месец мај ќе започнат градежните работи за реконструкција на улицата „Маршал Тито“ во Делчево. Ќе се реконструираат 743 метри од улицата кој е главен сообраќаен крвоток во градот и тоа од потегот од касарната до Таушанското маало. Во рамките на проектот е предвидена изградба на објекти по должината на улицата, како изградба на потпорни ѕидови, цевкаст пропуст и реконструкција и проширување на плочест пропуст.  

Реконструкцијата на оваа улица е во рамките на проектната единица во Министерство за финансии и проектот МСИП за подобрување на општинските услуги финансиран преку Светска Банка, од каде Општина Делчево доби средства за подзаем од 32.252.287 ден. за реализација на проектот „Подобрување на јавните општински услуги во Општина Делчево” што подразбира, освен реконструкцијата на улица „Маршал Тито“, ќе се реконструира и улицата „Вера Јоциќ“ во должина од 599 м. А ќе се изгради комплетно нова улица во населбата СРЦ, односно улицата број 7. Целта на овој проект е подобрување на квалитетот на животот на месното население.

Градежните работи за изградба на овие три улици ќе завршат до март 2021 г., а изведувач на работите е фирмата АД „Илинден“ од Струга.

 Додека траат градежните работи ќе се применува посебен сообраќаен режим.

Shares