Десетте најдобри матуранти од делчевската гимназија, наместо традиционалната и планирана екскурзија низ Европа која е одложена поради актуелната состојба, ќе добијат парични награди од Буџетот на Општина Делчево за поддршка на млади таленти.
Оваа Одлука на предлог на градоначалникот Горан Трајковски денеска ја донесоа делчевските советници. Согласно со Одлуката, 10-те најдобри матуранти од СОУ „М.М.Брицо“-Делчево, ќе добијат парична награда во износ од 20.000 денари.
Претходно беше донесена Одлука за измена на распоредот на средствата на Буџетот на Општина Делчево за 2020. Согласно со Уредбата на Владата, пренамената е во износ од 70%, односно 252.000 денари, кои ќе бидат доделени во форма на поддршка на млади таленти на десетте најдобри матуранти од СОУ „М.М.Брицо“
На 40 Седница на Советот, советниците за приоритетен инвестициски проект го утврдија потпроектот „Одделување на фекалната од атмосферската канализација на Милково брдо, Делчево. Финансиската рамка на потпроектот е определена согласно со предвидената инвестициска вредност и изнесува 10.938.490,00 денари и ДДВ 1.968.928,00 денари, изразена вкупно 12.907.418,00 денари.
Меѓу другите одлуки, советниците ја усвоија и Програмата за работа на Одделението за превенција, заштита и спасување, Одлуката за времено финансирање на Здружението за рурален развој ЛАГ „Малеш-Пијанец“ од Општина Делчево како соосновач, како и одлуката за плаќање на членарина на Општина Делчево како соосновач на Здружение за рурален развој ЛАГ „Малеш-Пијанец“ за 2020 година;
Исто така, беше донесена и Одлуката за усвојување и Листата на информации од јавен карактер на Општина Делчево, а советниците донесоа повеќе одлуки за утврдување потреба од донесување урбанистичко-планска документација за бесправно изградени објекти надвор од планскиот опфат.