По повод Европската недела на имунизација денеска во Делчево беа доделени 16 хуманитарни пакети на семејства кои живеат во социјален ризик, а кои изминатата година добиле новороденче, а беше доделен и пропаганден материјал за значењето на имунизацијата.
Акцијата на кој годинава се дава посебен аспект на менталното здравје на децата е во организација на НВО КХАМ и Општина Делчево, а со поддршка на Здравствениот дом во Делчево и ОО на Црвен крст од Делчево.
По повод Европската неделата на имунизацијата, акцијата се спроведува 10 години,а целта е да се излезе на терен, да се проверат картоните за имунизација кај децата до 1 година, како и да се подигне свеста за важноста од редовната вакцинација.
Вакцинацијата е една од најуспешните превентивни мерки за заштита на здравјето на населението. Со воведувањето на вакцинацијата како мерка за заштита на населението од заразни болести се постигнати најдобрите резултати во историјата на медицината. Во Република Северна Македонија, со активна имунизација се започнува кон средината на минатиот век и со текот на времето бројот на болестите кои се превенираат со вакцинација сѐ повеќе се зголемува. Првата вакцинација во Република Македонија е воведена во 1948 година со воведување на вакцинација против туберкулоза.