За прв пат машина за метење улици во ЈКП „Брегалница“

  • Новости

Улиците и тротоарите во Делчево повеќе нема да се метат рачно. ЈКП „Брегалница“ набави мултифункционално комунално возило наменето за метење улици, тротоари и други јавни површини со што продолжува инвестицискиот циклус во нова современа технологија за работа во делчевското ЈКП.

Станува збор за машина од италијанско производство со доста високи перформанси на работа.  Вредноста на машината е 4.324.936 денари со ДДВ од кои 1.852 635 ден е од грант за успешност во рамките на проектот за подобрување на општинските услуги од Светска банка, а остатокот е обезбеден од сопствени средства од ЈКП.

При денешното примопредавање на машината, градоначалникот Горан Трајковски потенцираше дека за прв пат делчевското ЈКП инвестира во ваков вид машина, а со оваа нова инвестиција се продолжува со испишување на новата страница во функционирањето на ЈКП „Брегалница“ која подразбира инвестиции во современи машини и нова технологија со цел подобри и поквалитетни услуги и ефикасност во работењето.

-Изразувам голема благодарност до тимот од Министерство за финансии и Светска банка, до директорот на ЈКП, Стојче Стојковски и до неговиот тим, за домаќинското работење, за одличната соработка со Општина Делчево и за препознавање на приоритетите со што се овозможи инвестициски циклус само за 2019  од околу 14 милиони денари средства инвестирани во нова технологија од кои 8 милиони се сопствени средства на претпријатието, рече Трајковски.

Директорот Стојче Стојковски рече дека досега ЈКП одржува јавна површина од 38.000 м2, а ставањето во функција на ова мултифункционално комунално возило ќе придонесе за зголемување на површините за метење и чистење, како и за почесто извршување на оваа дејност.

–          Оваа набавка е предвидена со бизнис-планот на претпријатието, а за оваа 2020 предвидена е уште една набавка која се однесува за набавка на комунално специјализирано возило за собирање отпад. Осовременувањето на машинскиот парк, за нас, е приоритет, бидејќи со нови машини и со современа технологија се подобрува квалитетот на услугите, но и ефикансоста на работењето, истакна Стојковски.

Shares