Агрометеоролошка станица поставена во Делчево

  • Новости
На локација во близина на филтер-станицата во с. Тработивиште е инсталирана агрометеоролошка станица која на земјоделците од општинава ќе им обезбедува податоци во реално време за актуелната временска состојба, појава на можни болести кај културите, но и за климатските промени.
Поставувањето на агрометеоролошката станица во Делчево е дел од проект на Центарот за развој на Источниот плански регион финансиски поддржан преку Програмата за одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој, а финансиран од страна на Швајцарската агенција за развој и соработка и Министерството за локална самоуправа. Во рамките на проектот ќе бидат поставени агрометеоролошки станици во сите 11 општини од регионот, а вредноста на проектот е 2,16 милиони денари.
– Со поставувањето на агрометеоролошките станици ќе им се обезбедат информации на земјоделците за навремена заштита на земјоделските култури од атмосферските влијанија, како и да ги планираат сите агротехнички мерки што треба да ги преземаат во одреден период од годината. Уредите што ги содржат станиците ќе ги мерат температурата и влажноста на воздухот, брзината и правецот на ветерот, количината на врнежи, соларната радијација, влажноста на листовите на растенијата, како и температурата и влажноста на почвата. Ќе се изработи и веб-платформа преку која земјоделците ќе добиваат информации за можната појава на болести кај растенијата под влијание на временските услови – истакна Александар Николов од Центарот за развој на Источниот плански регион.
Податоците од агрометеоролошката станица, преку бесплатна апликација на мобилен телефон или компјутер, ќе им бидат достапни и на сите граѓани, а новитет е што ќе се изготвуваат модели на биометеоролошките услови кои врз основа на измерените параметри ќе даваат прогноза за појава и интензитет на полен, мигрена и реума. Со помош на базата на податоци од станицата ќе може да се прават соодветни анализи.
Градоначалникот Горан Трајковски истакна дека агрометеоролошките станици ќе дадат свој придонес во осовременувањето на земјоделското произвдство, односно навремена и подобра информираност на земјоделците, а со тоа навремено преземање соодветни агрoтехнички мерки.
– Земјоделството претставува една од важните и доминантни сектори на локалната економија и игра важна улога во локалната економија во ИПР.  За тоа за нас, градоначалниците од ИПР овој проект е приоритет, бидејќи агрометеоролошката станица ќе помогне во заштита на земјоделските посеви од болести и непогоди, финансиска заштеда на земјоделците и во зачувување на животната средина . Од тие причини, овој проект цениме дека е иновативен и дава еден современ апсект во земјоделството, рече Трајковски.
По инсталирањето на агрометеоролошките станици во сите општини од Источниот регион, ќе се спроведе информативна кампања меѓу населението и ќе се изработи пропаганден материјал за начинот на користење на јавно достапните податоци од мерењата.

Shares