Со почитување на сите протоколи, денеска делчевската градинка „Весели цветови“ почна со згрижување на дечињата. По скоро 6-месечна пауза поради пандемијата со ковид-19, детската градинка повторно ги отвори вратите, но овој пат одговорно лице ги пречекуваше дечињата и им мереше температура, а приемот на деца по воспитна група е со десетминутна временска разлика на влез на кој задолжително е растојание од два метри, а детето го спроведува еден родител и секогаш носи заштитна маска.
Престојот на децата е организиран на начин на кој се избегнува меѓусебен контакт на различни воспитни групи на деца (сместени во одделни простории) во согласност со можностите, а игрите се препорачува да се организираат што е можно повеќе на отворено и во мали групи.
Градоначалникот на Општина Делчево, Горан Трајковски, по повод стартот на работата на градинка во услови на пандемија, истакна дека Општина Делчево ги прави сите активности за безбеден прием, згрижување и едукација на децата.
-Во текот на вчерашниот ден извршена е повторна целосна дезинфекција на градинката. Градинката има обезбедено доволно количини на дезинфициенси и маски за лице, а вработените се запознати и ги почитуваат протоколите за работа. Сепак, најважна е личната одговорност на секој поединец, дете, родител, воспитувач, неговател и секој совесно да ја одигра својата улога во процесот, за да обезбедиме безбеден по здравјето прием и згрижување на дечињата. Да бидеме одговорни, да не се кријат информациите и строго да се почитуваат препораките и мерките, рече Трајковски.