Сите делчевски првачиња кои се запишани во двете основни училишта во Општината ќе добијат по 3000 денари, еднократна поддршка. Средствата се предвидени во општинскиот Буџет и се во рамките на новата мерка на Општина Делчево која значи поддршка на родителите за да го подговат своето дете кое го започнува образовниот процес, но и мотивација на родителите да ги запишуваат своите деца во делчевските училишта.
Постапката за доделување парична помош за прваче се поведува со поднесување писмено барање до Архивата на Општина Делчево, како и потпишана изјава за користење на неговите лични податоци во постапката за остварување и користење на правото на парична помош, документи кои можат да се симнат од веб-страницата на Општина Делчево,( delcevo.gov.mk), а други потребни документи се:
· Важечка лична карта на еден од родителите;
· Извод од матичната книга на родените за детето;
· Потврда за запишан ученик во прво одделение заверена од основното училиште;
· Трансакциска сметка на барателот.
Барањето за остварување на правото на парична помош за прваче се поднесува во рок од три месеци од почетокот на школската година.
Во двете основни училишта во Делчево во учебната 2020/21 година се запишани 109 првачиња.