КЕМ побара максимална казна за сторителот
Комисијата за еднакви можности на жените и мажите во Општина Делчево најостро го осудува бруталното насилство што се случи врз жена во Делчево од страна на маж кој безобразно упаднал во домот на жртвата, во раните утрински часови на 31 октомври и извршил кривично дело кое може да предизвика далекусежни последици врз жртвата.
Изразувајќи згрозеност од свирепиот чин на малтретирање жена во домот, ги повикуваме органите на прогонот максимално сериозно да пристапат кон ова кривично дело за насилство врз жена и да изречат максимална казна за сторителот, бидејќи ова насилство што се случи во Делчево, влијае врз сите жени, врз нивната сигурност и безбедност во домот.
Во Делчево не смееме да дозволиме криминални и болни умови да го нарушат мирот, да ја срушат самодовербата на жената, да предизвикаат стигматизација, негативна перцепција и други негативни појави кои ја дискриминираат жената во современото демократско општество, каде зборуваме за човекови права и слободи.
Ваков облик на физичко насилство врз жена која живее сама, Делчево не памети и иако силувањето како облик на насилство е присутно во сите општества и во сите социјални слоеви, а корените на насилството лежат во таа постојана дискриминација врз жените, оваа статистичка формулација, не треба да биде оправдување и амортизирање на сериозното прашање кое се наметнува, туку поле за поголема работа и на граѓанските оганизации во Делчево и на одделот за превенција при МВР.
Како КЕМ посветено ќе го следиме случајот и соодветно ќе реагираме со цел жртвата да ја добие потребната помош и поддршка, но и ваков вид на физичко насилство врз жена повеќе да не се повтори
Трајковски: Делчево не е и не смее да биде сцена од холивудски хорор филм
Продолжуваат реакциите со осуда, по силувањето кое в сабота се случи врз жена од Делчево. Осуда за монструозниот чин, денеска изрази делчевскиот градоначалник Горан Трајковски, кој ги повика надлежните органи максимално професионално да го водат случајот и да изречат максимална казна за сторителот.
– Делчево е во шок по немилиот настан, каде маж физички злоставувал жена во нејзиниот дом. Изразувам осуда за овој монструозен чин и ги повикувам надлежните органи максимално професионално да го водат случајот и да изречат максимална казна за сторителот, која ќе биде за пример за сите останати, кои ќе се дрзнат да посегнат и да нанесат физичка и психичка болка на жена. Како градоначалник, заедно со Комисијата за еднакви можности, ќе ја дадеме целата потребна помош и поддршка, жртвата да се избори со последиците по грозоморното физичко и психичко малтретирање, рече Трајковски.
Делчево како што додаде, не е и не смее да биде сцена од холивудски хорор филмови, каде криминални и болни умови ја роварат сигурноста и безбедноста на сите граѓани.
– Ова посебно важи за насилството врз жените, со што насилниците нарушувајќи ја нивната самодоверба, предизвикуваат негативна перцепција и да ја дискриминираат жената. Заедно со Комисијата за еднакви можности при Општина Делчево будно ќе го следиме развојот на случајот, а воедно со граѓанските организации во Делчево и Секторот за превенција при МВР заедно со КЕМ ќе работиме на оваа проблематика со цел да превенираме вакви идни случаи, додаде Трајковски во својата реакција.
Освен од градоначалникот и Комисијата за еднакви можности при општина Делчево, деновиве со осуда за грозоморниот чин, излегоа неколку граѓански организации и поединци. Силувањето врз жена од страна на полицијата е регистрирано на 31 октомври годинава, при што по пријавувањето на силувањето од страна на роднина на нападнатата жена, полицијата го приведе 24 годишниот Б.Ј од Делчево.