Стартуваа градежните работи за преадаптација во детска градинка на две училници во ПУ „Св. Климент Охридски“ во с. Разловци со што за прв пат во Општина Делчево се инвестира во раниот детски развој во рурална средина, односно за прв пат ќе биде отворена градинка во рурална средина. Денеска увид во работите изврши градоначалникот Горан Трајковски кој заедно со директорката на ОЈУДГ „Весели цветови“, Билјана Симовска, го потенцираа значењето на оваа инвестиција со кој во Разловци, како најголемо, но и наоддалечено населено место во Општината ќе биде отворена детска градинка.
– Инвестираме во раниот детски развој и создаваме современи услови за згрижување и воспитување на дечиња на возраст до 6 години во с. Разловци, со што за прв пат во нашата Општина се отвора градинка во рурална средина. Ценам дека отворањето на детската градинка многу ќе помогне на младите родители кои имаат работни обврски и ќе знаат дека додека тие се на работа, нивните деца се згрижени и со нив посветено ќе се работи по содветни програми наменети за соодветната возраст на дечињата. Во оваа прилика, изразувам посебна благодарност на МТСП за реконструкција, адаптација, опремувањето на просторот, а воедно и на одговорните лица во ООУ „Св.Климент Охридски“ кои излегоа пресрет и ја препознаа потребата и значењето на инвестиците во раниот детски развој и овозможија детската градинка во Разловци да се отвори во училишната зграда за што се ослободија две училници, истакна Трајковски.
Директорката Билјана Симовска истакна дека во градинката во Разловци ќе бидат згрижени 20 дечиња.
– Потребата од отворање на градинка во рурална средина е голема и е во насока на политиката на МТСП за поголем опфат на децата во предшколските установи. Предвидено е да има една занимална со сите придружни елементи, тријажен простор за прием на децата, една чајна кујна, каде децата ќе добиваат топол оброк, бидејќи овде ќе бидат децата со целодневен престој, потенцираше Симовска.
Вкупната вредност на инвестицијата од МТСП е 4 милиони денари. Градежните работи се очекува да завршат за неколку месеци.