Се асфалтира „Маршал Тито“

Со поставувањето асфалт на коловозот, завршуваат градежните работи за реконструкција на ул „Маршал Тито“ во делот од касарната до Таушанското маало. Реконструкцијата на улицата е во должина од 743 м. и подразбира изградба на потпорни ѕидови и проширување на коловозот,  односно изградба на низа објекти по должината на улицата, со што Делчево добива современа сообраќајница и го решава тесното грло во сообраќајот обезбедувајќи безбеден сообраќај и за возила и за пешаци и современа сообраќајница која го поврзува овој дел од градот со централното градско подрачје.

Увид во работите денеска направи градоначалникот на Општина Делчево, Горан Трајковски кој истакна дека реконструкцијата на улицата е во рамките на големиот инфраструктурен проект „Подобрување на општинските услуги“ кој се реализира преку МСИП- проектот на Министерство за финансии, со финансиска поддршка преку Светска Банка кој е реализиран со средства од подзаем во висина од 32.252.287 денари што подразбира, реконструкција на улици во градот содолжина од 1,3 км, („Маршал Тито“ и „Вера Јоциќ“) и изградба на комплетно нова улица во населбата СРЦ.

Сакам да истакнам дека со реализација на овој проект решаваме големи проблеми на граѓаните, го подобруваме квалитетот на животот и придонесуваме за поголема безбедност во сообраќајот,  а исто така, се зголемува капацитетот на протокот на овие улици, но и се намалуваат трошоците за одржување на веќе дотраените коловозни ленти на улиците „Маршал Тито” и „Вера Јоциќ”, додека, пак, улицата бр. 7 во населбата СРЦ доби комплетно нов лик и од земјена улица прерасна во асфалтирана улица со тротоари комплетен систем за атмосферските води. Директна корист од реализацијата на овој проект имаат 1130 жители на општина Делчево, рече Трајковски.

Инаку, реконструкцијата на овој дел од Маршал Тито е продолжување на реконструкцијата на истата улица која води низ центарот на градот, која е реконструирана минатата година, исто така, преку оваа Програма „Подобрување на општинските услуги“, така што сега ќе добиеме една завршна целина и современа сообраќајница каква што заслужуваат нашите сограѓани.

Shares