Советот на Општина Делчево на денешната редовна 47 Седница донесе Одлука за основање заедничко јавно претпријатие за регионално управување со отпад. Со оваа одлука советите на општините Штип, Карбинци, Кочани, Виница, Берово, Делчево, Македонска Каменица, Чешиново-Облешево, Зрновци, Пехчево, Пробиштип, Куманово, Крива Паланка, Ранковце, Кратово, Липково, Старо Нагоричане и Свети Николе, основаат заедничко јавно претпријатие за регионално управување со отпадот во Источниот и Североисточниот плански регион и општина Свети Николе. Заедничкото јавно претрпијатие е со назив Заедничко јавно претпријатие за регионално управување со отпад „ЕКО ИСТОК- СЕВЕРОИСТОК“ Свети Николе сo седиште во општина Свети Николе на адреса: Плоштад „Илинден“ бб Свети Николе.
Износот на средства за основање на претпријатието изнесува 3 000 000 денари, а средствата ги обезбедуваат општините- основачи во пропорционален износ бројот на население според последниот попис спроведен во Република Северна Македонија во 2002 година и Закон за територијалната организација на локалната самоуправа во Република Македонија, според кој, Делчево со 17,505 жители учествува со 140.737 денари.
ЗЈПРУО ЕКО ИСТОК– СЕВЕРОИСТОК се организира на начин што ќе обезбеди поттикнување и развој на управувањето со отпадот на регионално ниво согласно со Стратегијата за управување со отпад на Република Македонија и Планот за управување со отпад на Република Македонија, воспоставување и организирање регионален систем за управување со отпад којшто особено се состои од регионална депонија за комунален отпад и/или други објекти и инсталации за постапување со отпадот.
Согласно со Одлуката, ЗЈПРУО ЕКО ИСТОК- СЕВЕРОИСТОК има 6 претоварни станици, а за Делчево претоварната станица е во М. Каменица.
Советот на Општина Делчево на денешната Седница го усвои и Планот на Програмата за развој на Општина Делчево за 2021 година кој се однесува за изградба на градскиот пазар- отворен и затворен дел. Вкупната вредност на проектот е 35.346.892 ден., а реализацијата на втората фаза планирана за 2021 г изнесува 17.652.829 ден.
Исто така, советниците ја усвоија и Одлуката за проширување на Буџетот на Општина Делчево за 2020 година која се оденсува на проширување на Буџетот на ЈЛБ „Илинден“ во висина од 505.000 ден. средства кои се однесуваат на зголемување на платите на вработените, како и проширување на сметката за донации во износ од 169.200 ден. кои се однесуваат за едномесечна исплата на лицата ангажирани преку проект за Светска банка.
Советниците дадоа согласност на Измените и дополнувањата на Правилникот за систематизација на работните места во ОЈУДГ „Весели цветови“.