Прехранбени пакети од Општина Делчево за ромски семејства

  • Новости

Со прехранбени пакети, Општина Делчево се вклучи во акцијата на Црвениот крст на Република Северна Македонија и Фондацијата „Отворено општество Макеоднија“ која се спроведува со цел во услови на здравствена криза да се помогне на ромски семејства кои живеат во социјален ризик.

Градоначалникот на Општина Делчево, Горан Трајковски, денеска на Општинската организација на Црвениот крст-Делчево додели 10 пакети кои содржат прехранбени продукти и кои заедно со пакетите кои вклучуваат средства за хигиена и дезинфекција, како и суплементи, обезбедени од ФООМ, ќе се дистрибуираат до таргетираните семејства.

Трајковски истакна дека Општина Делчево од почетокот на епидемијата со ковид 19, континуирано организира хуманитарни акции со цел да се помогне на оние семејства кои живеат на социјалното дно.

-Веќе 8 месеци сме активно вклучени во хуманитарни акции. Здравствената криза удира најмногу на оние семејства кои и така едвај врзуваа крај со крај. Ја поздравувам оваа иницијатива на Црвениот крст и на Фондацијата „Отворено општество Македонија“ и сакам да потенцирам дека и јас, како градоначалник и Општина Делчево, ќе продолжиме со хуманитарната акција, да помогнеме на оние на кои им е најпотребна помош. Воедно, изразувам благодарност за хуманоста на фирми и поединци од Делчево кои донираат средства и на тој начин ја потврдуваат и својата општествена одговорност во услови на криза, рече Трајковски.

Во рамките на хуманитарната акција на Црвениот крст на РСМ и ФООМ Делчево ќе бидат доделени вкупно 73 пакети со средства за хигиена и 10 прехранбени пакети. Во акцијата се вклучува и НВО КХАМ од Делчево.

Shares