Екипи на ЈКП „Брегалница“ денеска ја чистеа дивата депонија создадена кај Црквенска Река. Со механизација и рачно се чистеше дивата депонија формирана покрај каналот на Црквенска Река полна со градежен шут и друг отпад кој ја загадуваше животната средина и претставуваше потенцијална опасност по здравјето на граѓаните и го нагрдуваше просторот.
Акцијата е во согласност со Годишната програмата на Општина Делчево за регулација на речните корита и водотеци, како и програмата на ЈПКД ,,Брегалница” за чистење диви депонии.
Од ЈКП „Брегалница“ најавуваат продолжување на акцијата за чистење на дивите депонии, речни корита и канали и во другите населени места во Општината.
Претходно со механизација и екипи на Јавното комунално претпријатие се исчисти депонијата формирана покрај речното корито на река Желевица во с. Тработивиште.
Од Општина Делчево уште еднаш се апелира за свесност на граѓаните и за почитување на животната средина со цел да се превенираат здравствени проблеми, но и да се придонесе кон модерен и урбан изглед на Делчево.