Градоначалникот на Општина Делчево, Горан Трајковски, денеска со министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпатска, го потпиша Договорот за грант за развој на социјалните услуги. Конкретно во Делчево ќе се реализира проектот- Клуб за социјална инклузија „Интегра“ кој ќе се спроведува во партнерство со Здружението „Бравура кооператива“ од Делчево со цел да подобрување на социјалните услуги кај возрасни лица со посебни потреби во Делчево.
Градоначалникот Трајковски истакна дека проектот нуди организирана форма на услуга за рехабилитација, професионална ориентација и социјализација, во рамките на Дневниот центар за лица со посебни потреби во Делчево.
-Причините за потребата од проектот Клуб за социјална инклузија „Интегра“ е отсуството на институционални и други алтернативни форми на услуги за возрасни лица со посебни потреби во Општина Делчево. Проектот е базиран на приоритетите од Акцискиот план за социјална заштита на Општина Делчево во делот за маргинализирани групи. Проектот Клуб за социјална инклузија „Интегра“ e дизајниран за имплементација на 6 програми за лица со посебни потреби и тоа: Програма за работна окупација; Програма за усвојување на знаења и вештини за работа на компјутер; Програма за животни вештини и самостојно живеење; Програма за поддршка во домашни услови; Програма за културен развој и социјална интеракција; Програма за спорт и физички развој, истакна Трајковски.
Проектот ќе се спроведува за период од 18 месеци, а вкупната вредност на проектот е 2,9 милиони денари од кои 2, 6 се од МТСП, останатите се учество од организацијата.
Освен Делчево, уште 23 општини добија грантови за унапредување на социјалните услуги.
-Целта е согласно социјалната реформа услугите да ги доближиме до граѓаните таму каде што живеаат во нивните домови, нивната средина, во општините, во руралните средини. МТСП високо на својата агенда ја има грижата за сите граѓани во државата, пред сè, за ранливите категории граѓани. Со носењето на Законот за спречување и заштита од дискриминација, сакаме овие граѓани вистински да го добијат местото што им припаѓа во нашата држава, рече Шахпаска.
Со потпишувањето на овие договори, општините имаат обврска во рок од пет месеци преку општинските координатори, обука и едукација на даватели на услуги да овозможат од 1 април да почнат граѓаните да ги добиваат овие услуги во домовите на стари и изнемоштени лица, во домовите за лица со попреченост, како и во дневните центри.
Во првата година средствата за услугите ќе се исплаќаат од грантот за кој и се потпишуваат договорите, а потоа, како што појасни Шахпаска, Министерството за труд и социјална политика ќе го преземе финансирањето на овие услуги.