Проекти за нови инвестиции во делчевската гимназија „М.М.Брицо“

  • Новости

ММБрицо

Актуелните предизвици во наставниот процес во СОУ „М.М.Брицо“ и обезбедувањето посовремени услови за одвивање на наставата беа тема на разговор на средбата на градоначалникот Горан Трајковски со директорот на училиштето, Љупчо Прачковски.

Како што истакна директорот Прачковски, во делчевската гимназија наредниот период ќе се инвестира во три поголеми и за училиштето капитални проекти.

-Училиштето има изработено проект за реконструкција на ученичките санитарни чворови кои немале целосна реконструкција од отворањето на училиштето, како и комплетна реконструкција на подот на училиштето и негова замена со поквалитетен под кој ќе овозможи подобри услови за одржување на хигиената во училиштето И овој проект, како и реконструкцијата на санитарните чворови, се доста значајни за училиштето, бидејќи тоа ќе биде прва нивна реконструкција од изградбата на училиштето во 1961 г. Овие два проекти ќе се аплицираат на повик од МОН. Исто така, во агендата за оваа година се планира и реконструкција на малата сала во конгресна сала во гимназијата. Овој проект ќе го инвестира училиштето од сопствени средства, рече Прачковски.

Освен инфраструктурните зафати се разговараше и за тековните активности поврзани со наставниот процес во учебната 2020/21 , приемот на нови средношколци со посебен акцент на мотивацијата на учениците за стручните насоки, како и одржувањето на матурскиот испит.

-Училиштето има потпишано меморандум за соработка со фирми од областа на текстилството и прехранбената индустрија што веруваме дека е добра основа со стручни лица од фирмите да се реализира поквалитетна практична настава. Воедно и најавата од МОН за стипендирање ученици кои се запишуваат во стручно образование, мислам дека ќе го зголемат интересот за упис во стручните паралелки, истакна Прачковски.

Градоначалникот Трајковски изрази задоволство од реализацијата на онлајн наставата во делчевската гимназија, како и од планираните инфраструктурни проекти во училиштето.

– Ме радува фактот што училиштата во Делчево, го користат овој период кога нема физичко присуство на ученици на наставата, да реализираат инфраструктурни проекти кои ќе значат подобри и посовремени услови за одвивање на наставата. Воедно, Општина Делчево ќе помогне во секој сегмент за континуиран и квалитетен воспитно-наставен процес во СОУ „М.М.Брицо“, истакна Трајковски.

Shares