Со успешно спроведена симулациска вежба за гаснење пожар во детската градинка „Весели цветови“, делчевските пожарникари го одбележаа Денот на пожарникарите и ја покажаа својата ефикасност, ефективност и професионалност.
По дојавата за пожар во детската градинка, ТППЕ Делчево реагираше 14 пожарникари со два камиони автоцистерни, командно и навално возило и во потполна лична при што беше изганснат пожарот, евакуирани децата и песроналот, а беше извлечено и повредено лице од објектот.
Овие вежби се редовна практика на ТППЕ Делчево и се изведуваат со цел да се види подготвеноста и физичка и психичка на пожарникарите во услови на вистинска појава на пожар во објектите на институциите во градот, но и да се провери исправноста на опремата, истакна Миле Тодоровски пожарникар од Делчево.
Грдоначалникот Горан Трајковски присуствуваше на оваа симулациска вежба и изрази задоволство од подготвеноста на пожарникарите за справување со пожарите и на објекти, но и на отворен простор.
Воедно, Трајковски им го честиташе празникот на пожарникарите, а ја додели и традиционалната награда на најдобриот делчевски пожарникар за оваа година, Лоренцо Трајановски кој има 20-годишно работно искуство во професијата.
– Изминатиот период, во континуитет работевме за да ја подобриме опременоста на единицата, но и условите за престој на пожарникарите. Обезбедивме опрема за лична заштита на пожарникарите, што значи дека на нивната професионалност додаваме битен елемент за нивната лична заштита, но и инвестиравме во уредување и опремување на просториите на ТППЕ во Делчево, ги решававме наталожените проблеми и ги регулиравме платите и додатоците од плата и кадровски ја подмладуваме единицата, рече Трајковски.
Тој потенцираше дека во фаза на тендерирање е набавката на ново противпожарно возило и очекува постапката да се спроведе без проблеми и, конечно, да се реши проблемот со застарените возила на ТППЕ.
Пожарникарството во Делчево испишува историја од 7– децениско функционирање. Првото доброволно противпожарно друштво е формирано од делчевецот Илија Дамјанов Крстевски во 50-тите години, по што е формирана првата единица на чело со командирот Никола Димитровски.